Економија
„Тиго фајнанс“ се стекна со Excellent SME Macedonia – сертификат за сигурно деловно работење
Финансиското друштво „Тиго фајнанс“ станува првата финтек-компанија на пазарот на небанкарски финансиски друштва, која се стекна со Excellent SME МАCEDONIA, електронски сертификат, кој ги потврдува успешните бизнис-перформанси на малите и средните компании на пазарот.
Сертификатот го издава Стопанската комора на Северна Македонија, а неговата главна цел е промоција на малите и средни претпријатија во земјата, нивно осигурување и обезбедување како компании кои негуваат добри деловни практики и зголемување на пазарната транспарентност. Excellent SME печатот кој компаниите го добиваат со стекнување на сертификатот, им дава дополнителна сигурност на клиентите и деловните партнери при склучување договори со одредена компанија, бидејќи го потврдува нејзиниот кредибилитет.
„Исклучително сме горди што како компанија која ја презеде пионерската улога во зголемување на достапноста на небанкарскиот финансиски сектор за граѓаните и која успешно работи на домашниот пазар повеќе од 3 години, се стекнавме со сертификат кој кореспондира со европските директиви. Тиго Фајнанс е одговорен кредитор, посветен на остварување долгорочни соработки, а Excellent SME МАCEDONIA е дополнителна потврда на овие заложби, кои се основа на нашето работење“, истакна извршниот директор на Тиго Фајнанс, Филип Димитровски.
Стопанската комора на Северна Македонија овој сертификат го издава во соработка со интернационално реномираната агенција за кредитен рејтинг COFACE од Хрватска, која им овозможува на локалните и меѓународните бизнис партнери да го верификуваат постоењето на компанијата, податоците, како и нејзиниот бонитет. Валидноста на сертификатот е со времетраење од една година, а освен во нашата земја, Excellent SME се доделува и во шест други држави, меѓу кои Србија, Црна Гора, Бугарија, Словенија, Унгарија и Романија.
„Главната цел на сертификатот Excellent SME МАCEDONIA е да ја зајакне довербата на клиентите и партнерите во компаниите, како и да помогне во градењето позитивна репутација на компаниите кои се дел од глобалниот пазар. Основата за сертификација на компаниите со Excellent SME е уреден кредитен извештај и континуиран мониторинг на финансиските податоци. Првичните анализи и постапката за евалуација, направени според методологијата на светската бонитетна куќа COFACE, ја оценија работата на Тиго Фајнанс со натпросечна оценка. Цврсто веруваме дека поддршката која Стопанската комора ја дава на малите и средни претпријатија во земјата е клучна за нивно афирмирање како сигурни компании, со добри деловни практики.“, истакна Валентина Цветковска, самостоен советник од Стопанската комора на Северна Македонија.
Инаку, сите компании сертифицирани со Excellent SME, добиваат печат за квалитет на својата официјална веб страница, а SafeSigned™ технологијата спречува тој да биде злоупотребен, со што се гарантира автентичноста на сертификатот. Дополнително, оваа технологија која е глобална иновација во областа на безбедниот интернет, овозможува клиентот да биде сигурен во нејзината точност и сигурност, што пак директно влијае на довербата која клиентите и партнерите ја имаат во компанијата.
Повеќе информации за Excellent SME МАCEDONIA се достапни на следниот линк>>>
Тиго Фајнанс е член на Стопанската Комора на Северна Македонија и дел од раководните структури на Групацијата на финансиски друштва и Здружението на финансиски организации во рамките на Комората. До услугите на Тиго Фајнанс, клиентите можат едноставно да пристапат онлајн на www.tigo.mk , во некоја од Тиго филијалите ширум земјата или да се информираат со јавување во контакт центарот на 13 700. Аплицирањето за кредит е брзо, лесно и едноставно, односно одговор на апликацијата се добива за само 30 секунди, додека исплатата во кеш се врши за само 10 минути, само со лична карта и без жиранти.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.