Економија
Услугата Garmin Pay отсега достапна и за корисниците на Visa картички на Халкбанк
Услугата Garmin Pay на Халкбанк со која се овозможува брзо и едноставно плаќање со Garmin часовник, сега е достапна и за корисниците на Visa картичките издадени од Халкбанк.
Халкбанк АД Скопје, како лидер во воведување нови технологии, го креираше производот Garmin Pay со што стана и прва и единствена банка на пазарот што воведе плаќање со паметен часовник. Создадена во духот на денешното динамично време, оваа услуга е наменета за луѓе што секогаш се во движење, и овозможува извршување плаќања дури и во отсуство на паричник или платежна картичка.
„Услугата Garmin Pay на некој начин е дел од нашата политика и нашите заложби за иновации, но и за поттикнување и негување здрави животни навики кај населението и воедно заштита на животната средина. За оваа цел ние применуваме бројни ЕКО политики и даваме поддршка на многу активности на зедницата кои имаат иста цел, а со ваквата политика за поддршка на спортот, односно на здравите животни навики и грижа за природата, ќе продолжиме и во иднина“, рече Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Суџубаши најави дека и трката Водно-Матка која ќе се одржи наскоро ќе биде под заедничко покровителство на Халкбанк и партнерoт Visa.
Од Visa изразија задоволство што се приклучуваат како партнери во промоција и на оваа заедничка услуга.
„Лансирањето на Garmin Pay е важен чекор во понатамошниот развој на дигиталното плаќање во Македонија. Истото е евидентно и според неодамнешната студија на Visa, која посочува за наклонетоста на граѓаните за дигиталните плаќања, а дека дури 60% од нив сакаат да ја користат опцијата за пренос на пари преку мобилен телефон во иднина. Заедно со партнерите, меѓи кои и Халк Банка, ги слушаме и ги следиме потребите на корисниците со цел да им овозможиме побрзи, побезбедни и поудобни начини на плаќање. Сигурен сум дека корисниците на Visa картичките на Халк Банка се задоволни, бидејќи отсега своите трансакции ќе имаат можност да ги реализираат и преку Garmin pay“ – изјави Владимир Ѓорѓевиќ, генерален директор на Visa за Југоисточна Европа. За користење на услугата Garmin Pay, сопствениците на Visa картички издадени од Халкбанк, потребно е истите да ги дигитализираат преку апликацијата Garmin Connect , која може да се преземе од „GooglePlay Store“ на мобилен уред со оперативен систем Андроид или од „ App Store’’ за мобилен уред со оперативен систем iOS. По успешно дигитализирање на картичките, може брзо, безбедно и едноставно да се изврши плаќање со користење единствено на Garmin часовник.
Според Моника Црнокрак, претставник на Гармин Македонија, часовниците Garmin се идеален придружник за секој ден, за секој стил, за секој кој спортува и негува здрав и активен живот.
„Со новата понуда од Halkbank и Visa, корисниците на Garmin часовници добиваат можност плус за безгрижно уживање во денот, паричникот е секогаш на рака“, рече Моника Црнокрак.
Деталите и спецификациите околу функционирањето на апликацијата ги презентираше Атила Селим, директор на алтернативни канали на дистрибуција и картично работење, маркетинг во Халкбанк, потенцирајќи ја важноста од воведувањето на оваа услуга.
„Garmin Pay e иновативен производ кој што го воведовме од причина што знаеме дека сè поголем број граѓани се трудат да водат здрав живот, а ние, како банка даваме силна поддршка на практики кои што значат негување здрави животни навики и заштита на природата. Garmin часовникот е придружник на сите оние што спортуваат, било професионално, било рекреативно“ – истакна Селим.
Услугата Garmin Pay е достапна за користење на сите ПОС терминали што поддржуваат бесконтактно плаќање. При ваквиот тип на плаќање, потребно е да се внесе лозинка, да се избере картичката со која ќе се врши плаќање и потоа часовникот да се доближи близу читачот на ПОС терминалот.
Доколку живеете динамично, постојано сте во движење, спортувате и сакате да шетате во природа, тогаш ваш идеален придружник е ова модерно решение за бесконтактно плаќање со Garmin Pay.
Повеќе информации може да најдете на веб страницата на Халкбанк: www.halkbank.mk/garminpay.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.