Економија
Уште два дена рок за доставување апликации за закуп на земјоделско земјиште до три хектари
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потсетува дека на 30 јуни истекува рокот на кој земјоделците може да аплицираат на четирите јавни огласи за закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари наменети за подигнување долгогодишни насади.
Преку овие четири јавни огласи на располагање се ставени вкупно 4.294 хектари државно земјоделско обработливо земјиште до 3 хектари, распределени во 31 регион во државата, и тоа: Гостивар, Дебар, Кичево, Куманово, Ресен, Тетово, Гази Баба, Свети Николе, Струга, Охрид, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Демир Хисар, Валандово, Кочани, Крива Паланка, Крушево, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Берово, Битола, Македонски Брод, Виница, Гевгелија, Делчево, Кавадарци, Велес и Штип.
Намена на земјоделското земјиште, кое се дава под закуп, е за подигнување долгогодишни насади и оранжерии за период до 30 години, подигнување долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигнување маслинарници за период до 50 години, поставување пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, одгледување брзорастечки дрвја на земјоделско земјиште, кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри за период до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности за рурален туризам до 30 години.
Целта на Министерството е со ваквите јавни повици да им се стави на располагање на земјоделците секоја педа обработливо земјоделско земјиште, односно да се обезбедат поголеми услови и мотивација за производство на домашна храна за сите граѓани.
Огласите беа распишани на почетокот на месецот и се достапни на следните линкови:
Јавен оглас бр. 01/2022: http://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2661
Јавен оглас бр. 02/2022: http://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2662
Јавен оглас бр. 03/2022: http://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2664
Јавен оглас бр. 04/2022: http://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2665
Исто така, во тек се и два јавни огласа за закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари, чиј рок за аплицирање е заклучно со 21 јули 2022 година, информира Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.