Економија
„Фени“ да се продава на јавна лицитација, побара бугарски „Минстрој“
Запирање на стечајот на „Фени“, впаричување на имотот и јавна лицитација за избор на компанија што ќе стопанисува со комбинатот, побара денеска бугарската компанија „Минстрој холдинг“. Адвокатското друштво „Тошиќ и Јевтиќ“, застапници на „Минстрој“, смета дека со предложениот план за реорганизација нема да се постигне целта на стечајната постапка оти доверителите нема да бидат намирени, односно ќе бидат намирени во износ од 15 отсто.
„Стечајот е отворен поради долг од 64 до 65 милиони евра, а имотот на ‘Фени’ е проценет на 72 милиона евра. Долговите на ‘Фени’ се помали од неговиот имот. Наше мислење е дека со впаричување на имотот, како алтернатива чија основа произлегува од законските одредби на Законот за стечајот, ќе се постигне многу поголема цена, доверителите ќе се намират во целост и ќе се добие сигурен инвеститор кој ќе вложи во иднината на ‘Фени’“, рече Ивица Јевтиќ, правен застапник на „Минстрој“.
Додека трае компанијата „Минстрој“ е подготвена да плаќа трошоци за струја и да одвојува пари за платите на вработените до завршување на постапката.
И Јевтиќ, исто како и „Транспареси интернешнл – Македонија“, смета дека планот за реорганизација на „Фени“ е поднесен по истекот на законскиот рок и поради тоа апелира стечајната судијка да постапи по Законот за стечајот.
„Неподнесувањето на планот за реорганизација во предвидениот строг и задолжителен законски рок, во согласност со одредбите од Законот за стечајот, бара од стечајниот судија веднаш да донесе решение за впаричување на имотот на должникот, нешто што не е направено“, рече Јавтиќ.
Тој апелира до стечајниот судија и до собранието на доверители да го имаат предвид фактот дека постои можност да не се одобри планот за реорганизација, со впаричување да се намират сите доверители и комбинатот повторно да работи.
На прашањето зошто не се јавиле на огласот за преработка на руда и зошто не поднеле и тие план за реорганизација на комбинатот како постапки низ кои јавно се бараше решение за „Фени“ изминатите месеци, правните застапници на „Минстрој“ велат дека нивниот став е дека решение за „Фени“ не треба да се бара на тој начин.
Адвокатот Јевтиќ рече дека имале интензивни преговори со доверителите за обесштетување, а како гарант за сериозните намери депонирале 10 милиони евра во една од комерцијалните банки во Република Македонија, но нивните понуди биле одбиени без образложение.
Тие нудат 100 милиони вкупна инвестиција во комбинатот, враќање на сите вработени на работа, дополнителни 300 вработени за рудникот „Режаново“ за кој велат дека ќе биде ставен во функција, просечна плата од 500 евра, намирени доставувачи и нови инвестиции во комбинатот.
Од адвокатското друштво тврдат дека нивната реакција не е задоцнета и покрај тоа што „Фени“ веќе работи и сите вработени си ги задржаа работните места.
Од ГСОЛ, компанијата што сега е закупец на „Фени“, велат дека исплатени во целост се 85 отсто од доверителите, а во интензивни преговори се и со другите 15 отсто. Тие во март ја рестартираа фабриката и велат дека „Фени“ веќе има извоз. Од компанијата велат дека просечната плата на вработените е 25.000 денари и најавуваат дека трендот за зголемување на платите ќе продолжи во согласност со растот на производството. Очекуваат до ноември да почне со работа и втората производна линија, која сега не е во функција.
Обвинувањата дека планот за реорганизација е поднесен по истекот на рокот, минатата недела ги демантира стечајниот управник на „Фени“, а од велешкиот суд изјавија дека стечајната постапка се одвива во согласност со законот. Собранието на доверители, на кое ќе се одлучува по предложениот план за реорганизација, е закажано за 20 јуни.
За предлогот за впаричување на имотот, кој минатата недела го даде и „Транспаренси интернешнл – Македонија“, вработените се изјаснија дека е против нивните интереси оти го разбираат како ликвидирање на фабриката и згаснување на печките.
Денешната прес-конференција на „Минстрој холдинг“ ја следеше и претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, која рече дека сака да е во тек со сè што се случува во „Фени“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.
Економија
Народна банка: Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто
На 16 април 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, извести Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии. Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4% на годишно ниво (3% во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.287,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во првите два месеца од 2024 година е малку повисок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на годишен раст кај индустриското производство и угостителството, при мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и кај градежништвото. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март 2024 година, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата. Од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.
Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата. Сепак, ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопшти НБ.
Економија
За универзален снабдувач на електрична енергија Владата ја прифати понудата на ЕВН Македонија
Владата, согласно Законот за енергетика, ја донесе и Одлуката за избор на универзален снабдувач.
За најповолна понуда за избор на универзален снабдувач, во соодветната постапка е избрана понудата доставена од групата понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата.
За носител на набавката е избран економскиот оператор којшто има понудено најнизок процент на бруто маржа во текот на електронската аукција, а чијашто понуда претходно е оценета како прифатлива. Критериумот за доделување на договорот за универзален снабдувач, притоа, е бруто понудената маржа за снабдување.
Основата за пресметката на цената по којашто универзалниот снабдувач ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата во којашто е вклучена и бруто маржа, е во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/23), донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, појаснуват од Владата.