Економија
(Видео) ФИТР објави повик за финансиска помош, фирмите со добивка ќе треба да ги вратат парите
Речиси 150 домашни микро, мали и средни компании имаат можност да добијат поддршка за брзо приспособување на последиците од Ковид-19 од Фондот за иновации, кој за оваа намена има буџет од 3,3 милиони евра, а аплицирањето почнува денес.
Компаниите ќе добијат државна помош во висина од 70 отсто од буџетот за планираните проекти, а преостанатите 30 отсто се обврзани сами да ги обезбедат. Микрокомпаниите може да побараат најмногу 750.000 денари, малите компании 1,5 милион денари и средните компании може да добијат поддршка, која не треба да го надмине износот од 3 милиони денари.
Новитет во овој повик од Фондот за иновации како инструмент за технолошки развој за брзо приспособување е на последиците од кризата е тоа што компаниите ќе имаат обврска да ги вратат парите што ќе ги добијат од државата доколку имаат добивка.
„Посебна новина за оваа мерка, која сакам да ја акцентирам, е дека Владата станува партнер за развојна мерка, ова не е мерка за ликвидност, ова не е поддршка за опстанување, ова е поддршка за побрзо заздравување. Воведуваме иновативен пристап во финансирањето. Не даваме кредити, не даваме грантови, значи нема подарок пари. Средствата што ги доделуваме подразбираат поврат, но не по цена на опстанокот на компанијата и опстанокот на работните места. Ако сме партнер во добивката, односно во остварените резултати, ќе бидеме партнер и во делењето на ризикот. Компаниите што ќе добијат средства за повратот, ќе имаат обврска овие средства да ги вратат, меѓутоа како процент од бруто-добивката во првите три години по завршување на инвестицијата“, вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации.
Во Фондот направиле симулација на новиот модел на финансирање во согласност со финансиските резултати што ги остваруваат компаниите кои во моментот ги финансира Фондот. Станува збор за финансиски резултати од 2018 и 2019 година.
„Тие покажуваат дека моделот што го предлагаме, а тоа е 15 проценти од бруто-добивката во првите три години по завршување на инвестицијата, гарантира дека средствата ќе бидат вратени. Ова гарантира секако релативна категорија бидејќи сепак сме во посткризен период и никој со сигурност не може да каже колку ова ќе трае, меѓутоа тоа не нè ослободува од обврската да се обидеме и да го забрзаме заздравувањето“, објасни директорот Деспотовски.
Рокот на реализација на проектите е 12 месеци. Аплицирањето за повикот почнува денес, а тој ќе биде отворен до 26 јуни.
Спецификата на оваа мерка и на овој инструмент, според директорот Деспотовски, е тоа што се фокусира на развојна поддршка на домашните компании што имаат потенцијал за успешно работење. Потенцијалот се базира и на тоа како компаниите работеле во периодот пред кризата.
Новина во овој повик е и тоа што со добиените средства може да се покриваат и платите за оние што ќе работат на реализација на проектите. Платите може да се предвидат како трошок.
Со буџетот од 3,3 милиони евра ќе се поддржи дигитализација во компаниите, воведување протоколи за заштита на вработените, подобрување на организационата структура и реорганизација на работните процеси, воведување нови производи и услуги или значително подобрување на постојните, особено на оној сегмент за кој постои зголемена побарувачка и во време на криза и за кој се очекува дека ќе постои побарувачка и во време на посткризниот период, обука за среднорочно планирање на бизнисот и обука за вработените, како и сите мерки што компаниите сметаат дека ќе им помогнат не само во подобро приспособување туку и во развој, ќе се сметаат за подобни за финансирање со овој инструмент.
Пари од Фондот може да се побараат и за набавка, изнајмување или изработка на опрема, со тоа што под опрема не се подразбира само информатичка технологија, туку може да биде сè што се смета за технологија.
Специфично за овој повик е и тоа што еден од критериумите е компанијата апликант во изминатите две години да нема регистрирано загуба.
Предност на овој повик ќе имаат компаниите од помалку развиените региони и компаниите управувани од жени или компании што во сопственичката структура имаат жени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.