Економија
ФИТР: 123 домашни компании во финална фаза на повикот за приспособување од последиците од пандемијата
Вкупно 123 домашни компании продолжуваат во фазата на финална селекција во рамките на јавниот повик за брзо приспособување од последиците од Ковид-19 на Фондот за иновации и технолошки развој (прв циклус). Овие компании планираат инвестиции од 237 милиони денари, од кои 97 милиони денари се нивен влог, а од ФИТР побаруваат безмалку 139 милиони денари. На повикот, кој беше отворен од 29 мај до 3 јули 2020 година аплицираа вкупно 166 компании.
Од овие 123 компании, 74 аплицираат првпат во Фондот, 17 % аплицираат втор или повеќепати без претходно добиена поддршка, а само 9 % се претходни корисници на средства. Според анализите, во најголем дел се работи за мали (67) и микро (47) компании, како и 9 средни претпријатија.
Повеќето на инвестициските планови се од областа на здравството, ИТ, трговијата, но и категориите, како машинството, креативната индустрија, угостителството и текстилната индустрија.
Во процесот на примарната селекција на инвестициските планови Фондот ангажира соодветни надворешни стручни лица. Оценувањето се врши врз основа на следните критериуми: технолошки напредок и степен на дигитализација, односно во кој степен проектот ќе придонесе за дигитализација во процесите, развивање нов или значајно подобрен производ, услуга или работен процес кај апликантот, потоа квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание. Како новина во овој повик е воведено и дополнително бодирање за компании со жени во управувачката, односно сопственичката структура, и компании што доаѓаат од помалку развиените региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата.
Анализите покажуваат дека со воведувањето на овие критериуми, само со првиот циклус е поттикнато учество на компании управувани или во сопственост на жени, и тоа 46 %, а зголемен е и бројот на компании со седиште во помалку развиените региони. Во споредба со претходните повици регистриран е пораст во Југоисточниот (11 %), Источниот (10 %) и Полошкиот Регион (4 %).
Процесот на финална селекција продолжува онлајн, а конечната одлука за кофинансирање ќе ја донесе Комитетот за одобрување инвестиции според горепсоменатите критериуми.
Во фаза на подготовка е нов циклус на аплицирање за финансиска поддршка за економско заздравување. За таа цел, Фондот, во соработка со стопанските комори, достави посебен прашалник до широк број домашни компании. Со прашалникот компаниите имаат можност за директен придонес во креирањето на условите за вториот циклус што Фондот планира да го реализира веднаш по завршување на тековниот. Прашалникот е поместен на следниот линк (https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSfDmh-RNYUTSav0j6c69lajOOWHPnYBw0Lhhem8rnRPTXuTCQ/viewform) и достапен е за сите микро, мали, средни и големи компании од РС Македонија.
За реализација на втор и следни циклуси на јавни повици за економско заздравување Фондот иницира дополнителни средства од Владата над веќе обезбедените 200 милиони денари, од кои поголем дел ќе биде искористени уште со првиот циклус.
Програмата за економско заздравување е дел од третиот пакет економски мерки на Владата и е наменет за поддршка на микро, мали и средни компании, кои имаат потврден потенцијал за успешно работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.