Економија
Царовска: Во дијалог со компаниите создаваме кадри барани на пазарот на трудот
Министерството за образование и наука со воведени стипенидии за технички струки и со променета уписна политика го поттикнува создавањето на стручни профили коишто се потребни на пазарот на труд. Исто така, од јануари до март следната година, МОН заедно со Стопанската комора и со сите локални чинители ќе води социо-економски дијалог за потребите на реалниот сектор, за да се донесе одлука кои профили во која општина или средно училиште ќе се верификуваат, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, во панел-дискусијата на тема: „Следни чекори – Поголема вклученост на приватниот сектор во формалното и неформалното стручно обрaзование и обука, со фокус на практичната обука“, што денеска се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија.
Министерката истакна дека МОН веќе работи на воспоставување нов концепт на средното стручно образование преку создавање на три регионални центри за средно стручно образование.
„Активно работиме на воспоставување на три регионални центри за средно стручно образование и обука во Куманово, Тетово и Охрид. Нашата тенденција ќе биде вакви ВЕТ-центри да отвориме во сите региони во државата. ВЕТ-центрите кои се воспоставуваат со поддршка на Европската делегација и со инвестиција од МОН и техничка и друг вид поддршка во делот на организација и верификување на профили и опрема, од Швајцарската развојна агенција, треба да почнат да служат како ресурсни центри во регионот не само да верификуваат кадри, туку истите тие профили да имаат влез во компаниите и компаниите да се вклучат во обука“, рече Царовска.
Царовска истакна дека сега имаме стручни училишта кои продуцираат кадар што не e потребен на пазарот на труд.
„Од оваа година ја променивме и политиката на стипендирање. Досега државата воопшто не стипендираше средни технички училишта. За првпат воведовме можност да ги стипендираме учениците од техничките училишта и гледаме дека не се навикнати да аплицираат. Понатаму и уписната политика ќе ја поврземе со стипендирањето и ќе имаме подобри резултати“, рече Царовска.
Министерката нагласи дека во моментот низ државата функционираат голем број на верификувани средни училишта со различни профили.
„Тие се опремени со кабинети, со инвестиција од МОН во последните три години“, рече Царовска.
Министерката напомена дека на кус рок, компаниите можат самите да доквалификуваат или преквалификуваат работници, преку мерката на Агенцијата за вработување со којашто можат да отворат тренинг центри.
Во панел-дискусијата учествуваа и Сибил Сутер Техада, амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија,Курт Витрих, тим лидер на Проектот E4E@мк Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.