Економија
Царовска во посета на компании во Кисела Вода: Со првите два сета мерки зачувавме над 60.000 работни места
Вицепремирката задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со градоначалникот на општината Кисела Вода, Филип Темелковски, реализираа посета на компаниите „Мако маркет“ и „Флора компани“, кои работат во оваа општина, каде што разговараа со менаџментот на компаниите за владините мерки за поддршка во услови на корона-кризата, како и за генералните владини политики за економски раст и развој на Република Северна Македонија.
Вицепремиерката во изјава за медиумите се осврна на една од најискористените мерки во периодот на социо-економската криза предизвикана од коронавирусот Ковид-19, субвенционирање на минималната плата во износ од 14.500 денари за секој вработен, за компаниите кои работат со загуби поголеми од 30%, во однос на месечниот просек за 2019 година и рече дека со оваа мерка се заштитени и задржани огромен број работни места во државата.
„Секако дека во општина Кисела Вода имаме компании коишто ја користеа мерката за поддршка за минималната плата и ги поттикнуваме да продолжат да ги задржуваат работниците и да останат отворени работните места. Преку оваа програма, Владата поддржа повеќе од 120.000 вработени, во повеќе од 22.000 компании во нашата држава и на тој начин зачувавме повеќе од 60.000 работни места отворени“, посочи вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска.
Таа по посетата на компанијата „Мако маркет“, домашна фирма која се занимава со производство и дистрибуција на прехранбени и други производи, изрази задоволство што компаниите од прехранбената индустрија и во услови на криза покажуваат солидни резултати во работењето. Таа дополни дека и за компаниите коишто работат со успех во време на корона-кризата се креирани мерки, од третиот сет, кои ги поттикнуваат компаниите да реализираат нови инвестиции, а со тоа да се врати економската активност во државата со побрза динамика.
„Она коешто можев да го утврдам при посетата на компанијата ‘Мако маркет’ е дека тие се во одлична кондиција, независно од социо-економската криза којашто ја погодува нашата држава, дека тие инвестираат во континуитет и дека постојано се грижат за своите вработени. Тие не користат ниту една од владините мерки во моментот, затоа што имаат производство на храна и дистрибуција на храна и тоа е нешто коешто во периодот се троши. Но во секој случај тие понатаму инвестираат во свои производствени капацитети на свои продукти и токму затоа ние како влада имаме и посебна мерка за овој тип инвеститори кои и покрај кризата вложуваат свои финансиски средства. Токму затоа ги повикувам сите компании коишто сметаат дека во наредниот период имаат капацитет за вложувања во своите компании, во производствените капацитети кои ги раководат, да се обратат со Министерството за економија да аплицираат за програмата којашто е директно за финансиска поддршка за инвестиции“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, рече дека општината е мост помеѓу Владата и компаниите кои функционираат во рамките на општината. Тој дополни дека во изминатите неколку месеци активно се информираа компаниите од Кисела Вода за сите мерки коишто ги донесе Владата за што полесно економски да се премости оваа криза. Воедно упати јавна благодарност до сите општествено одговорни компании, кои во периодот на кризата ѝ помагаа на општината во насока на побрзо и полесно надминување на актуелната состојба, особено на најранливите групи граѓани.
„Благодарност до компаниите коишто излегоа во пресрет во изминатиот период со различни донации за нашата општина, пред сè во средства за дезинфекција и прехранбени производи за нашите најпогодени граѓани. Праќам еден апел до сите компании заедно да си помагаме во наредниот период, бидејќи само со заеднички труд ќе излеземе посилни од оваа ситуација, а нормално ќе ја разубавиме и нашата општина и ќе покажеме дека се грижиме за сите поеднакво. Апел до Владата и во иднина да биде тука за нашата општина. Пред сè благодарност за сите инфраструктурни проекти коишто ги имавме во изминатите 2 и пол години. Се надевам дека и во иднина ќе продолжи со инвестиција во инфраструктурата пред сè да создадеме многу подобри бизнис-услови во нашата општина“, кажа градоначалникот Темелковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.