Економија
Цените на становите во Скопје се очекува да продолжат да растат
Трендот на пораст на цените на становите во главниот град продолжува. Како резултат на зголемената побарувачка на станови во корелација со намалената понуда, цените на градежните материјали и атрактивните станбени кредити, овој тренд се очекува да продолжи. Уште во април градежната комора на Македонија го предвиде растот со кој истакнаа дека се очекува цената на квадрат во центарот на Скопје да достигне 2.000 евра. Оттаму ги истакнуваат главните причини за растот на цените и велат дека тие допрва ќе растат со оглед на помалиот број издадени дозволи за градење во изминатата 2020 година, глобалниот раст на цените на градежните материјали, како и недостигот на работна сила. Иако изгледа дека понудата на станови е голема, во суштина таа не е доволна за да ја покрие побарувачката и затоа се очекува да продолжи растот на цените. Трендот на понудата на станови се гледа од податоците на Државниот завод за статистика, кои покажуваат дека во 2020 година бројот на завршени станови е 1 194, што е речиси за 60 % помал во однос на 2019 година, кога биле завршени 2 905 станови. Растот на побарувачката може да се увиди во порастот на процентот на издадени станбени кредити од извештајот што го објави Народната банка. Според податоците на Народната банка, салдото на издадени станбени кредити со состојба во јуни 2021 година изнесува 1.024 милијарди евра, што е за 136 милиони или 15,3 % повеќе споредено со истиот период во 2019 година. Оваа година инвестициите во градежништвото бележат нагорен тренд, при што може да се забележи податокот дека во последните 12 месеци во Скопје се издадени одобренија за градење вкупно 2 936 нови станови што би биле готови во следните 24 месеци. Намалената понуда на станови на пазарот укажува на фактот дека во периодот што следува цените на становите би продолжиле да растат.
Пандемијата го забави трендот на градежните активности, но ја покажа и важноста од поседување сопствен стан. Притоа, побарувачката продолжи да расте како за купувачите што инвестираат во стан за свое живеалиште, така и кај купувачите што сакаат да ги инвестираат своите средства. Поради константниот раст на цените на становите, постои можност дел од штедните депозити што граѓаните ги имаат во банките во иднина да ги инвестираат во недвижности, а со тоа би се влијаело врз зголемената побарувачка.
Од агенциите за недвижности велат дека очекуваат да продолжи позитивниот раст на цените и истакнуваат дека доминантна е побарувачката на станови со сопствени паркинг-места и близина до простори што овозможуваат надворешни активности, како што се паркови. Тоа се забележува кај купувачите што купуваат место за живеење, но и кај луѓето што инвестираат во стан, бидејќи им овозможува сигурен пласман за
издавање со атрактивна кирија. Според сопствениците на агенциите за недвижности, инвестицијата во стан што ги нуди овие услови претставува инвестиција во „суво злато“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.