Економија
Швајцарија ќе финансира проекти за рамномерен регионален развој
Со буџет од над 1,1 милион швајцарски франци ќе бидат реализирани шеснаесет проекти од осумте плански региони во државата. Избраните проекти што се финансираат се во насока на развој на планските региони и се дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.
Овие средства се една од трите компоненти на проектот „Одржлив и инклузивен рамнорен регионален развој“, во вкупна вредност од над 5 милиони швајцарски франци. Во финансиската реализација Министерството за локална самоуправа учествува со 1.269.440 швајцарски франци, кабинетот на заменик-претседателот на Владата со 474,664 швајцарски франци и Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ) со 3.320.000 швајцарски франци.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на свечениот настан на кој беа презентирани одобрените проекти истакна дека еден од столбовите на концептот „Едно општество за сите“ е да постои рамномерен регионален развој во сите региони во земјата. Треба да се обидеме да направиме колку што можеме подобри услови за живот и во малите градови, односно да направиме колку што е возможно, да постигнеме подеднаков стандард за живот за сите граѓани на нашата држава. Тоа е идејата, тоа е суштината на „Едно општество за сите“, кажа Анѓушев.
„Оваа година во буџетот се предвидение 412 милиони денари за Програмата за рамномерен регионален развој, што е за 38% повеќе во споредба со 2018. Тоа не е доволно, секако, но тоа не се сите средства што се вложуваат во таа насока, затоа што преку министерствата, јавните претпријатија, акционерските друштва на Владата, и други финансии се вложуваат во рамномерниот регионален развој. Преку МОН се градат училишта на цела територија на Република Северна Македонија, преку МТСП се градат градинки и домови за стари лица, Министерството за здравство гради и реконструира болници на целата територија, додека, пак, преку МТВ се градат канализации и водоводи, а МЗШВ, преку програмата за регионален развој, се градат патишта во вредност од околу 40 мил ЕУР на целата територија. Кога ќе ги собереме овие средства, ќе видиме дека многу повеќе се наменети средства надвор од развиените плански региони. Не е тајна дека осумте плански региони во нашата држава не се подеднакво развиени; најмалку развиен е Североисточниот Плански Регион, додека најразвиен е скопскиот, и во таа смисла, и средствата што се одделени во буџетот се распоредени обратно пропорционално: најмногу средства се доделени за градба во помалку развиените региони, додека најмалку средства се алоцирани во Скопскиот Пански Регион со цел да направиме рамномерен развој на целата држава“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, нагласи дека секој плански регион ќе реализира по два проекта што имаат директно влијание на подобрување на квалитетот на живеење и промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите. Тој додаде дека сите проекти се избрани на инклузивен начин со директно учество на граѓаните.
За грантовата шема за инвестициски проекти ќе се распределат 850 илјади швајцарски франци, а за 8-те проекти од грантовата шема за иновативни проекти 312 илјади швајцарски франци.
За Стефан Томаџан, заменик-амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, начинот на соработка влева оптимизам за следни проекти.
„Покрај релевантноста и квалитетот на предложените проектите, во двете грантови шеми беа земени предвид елементите со додадена вредност, како што се транспарентноста, социјалната вклученост, иновациите, родовата рамноправност, одржливоста на животната средина и партнерствата за развој. Токму ова нè уверува дека ваквиот проект има потенцијал да влијае врз зајакнувањето на економскиот развој на регионите и подобрување на квалитетот на животот воопшто“, потенцира Томаџан.
Во рамките на грантовата шема за инвестициски проекти, за која можеа да аплицираат единствено Центрите за развој на планските региони, и тоа во областите животна средина, социјална инклузија, бизнис-инфраструктура и туризам, проектите беа избрани преку организирање регионални форуми на кои учествуваа претставници од граѓанскиот, невладиниот, образовниот и бизнис-секторот, како и лично самите граѓани. Во секој плански регион финансиски е поддржана реализација на по еден проект којшто во процесот на консултација го избираа граѓаните. Притоа, приоритетниот проект во најразвиениот, Скопски Плански Регион, добива средства во висина од 60 илјади швајцарски франци, а во најмалку развиениот, во Североисточниот Плански Регион, 145 илјади швајцарски франци.
Со овие средства ќе се финансира изградба на инклузивно детско игралиште во скопската општина Карпош, ќе се постават агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина во општините во Југоисточниот Плански Регион, ќе се изврши реконструкција на ски-лифтовите на Пониква, изградба на парк за деца и лица со посебни потреби и слепи во Битола, поставување паметни инфо и промо-центри во Гостивар, Маврово и на Попова Шапка, уредување атрактивни зони и патеки во Охрид, Струга и Општина Дебарца, изградба на скејт-парк во Кавадарци и уредување пешачки и велосипедски патеки во општините од Вардарскиот Плански Регион и изградба и валоризација на спортско-рекреативен центар Бислим.
Во делот на грантова шема за иновативни проекти фокусот беше ставен на добивање комплетно нов производ, услуга, организациско решение, процес, надградување на постоечкиот производ, услуга, организациско решение или нов начин на искористување на постојниот производ.Вкупниот фонд за иновативните проекти е 312 илјади швајцарски франци, а вклучуваат изградба на мултифункционално игралиште, оформување сензорни соби за деца со посебни потреби во училишта во Штип, Кочани и Делчево, изградба на адреналински парк, изградба на параглајдерска платформа во Демир Капија, заеднички работен простор за соработка меѓу мали и средни претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.