Економија
(Видео) Шекеринска и Димковски во селото Граешница посетија земјоделец кој користи средства од ИПАРД 2
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска во битолското село Граешница, беа во посета на земјоделец корисник на мерките од ИПАРД 2 Програмата.
Земјоделецот Гани Корчари е еден од многуте успешни примери, којшто со помош на финансиски средства од ИПАРД 2 програмата, инвестирал во производството, односно во набавка на современа механизација. Конкурирал за мерката 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 програмата за набавка на трактор и механизација за ѓубриво, за што преку ИПАРД му се вратени 22.225 евра.
„Ваквите успешни примери, покажуваат дека земјоделците ги препознаваат бенефитите од ефикасната искористеност на европските фондови и инвестираат во модернизирање на сопственото производство, и знаат дека на крајот тоа ќе им се исплати. Со можноста којашто ја нуди оваа мерка од ИПАРД, за инвестиции во набавка на механизација, ќе се придонесе за рентабилно производство преку намалени трошоци за земјоделско производство и подобрување на квалитетот на земјоделските производи“, изјави министерот Димковски, додавајќи дека освен преку оваа мерка, намалувањето на производствените трошоци ќе се постигне и со мерката за кофинансирање за набавка на гориво за земјоделска механизација.
Димковски потенцираше дека заедно со Платежната агенција изминатиот период се работеше на олеснување на критериумите за мерките од ИПАРД и нивно приближување до земјоделците.
„Резултатите се видливи, ако порано за склучување на договори се чекало по една година, сега договорите од последните јавни повици се склучија по речиси два месеци од објавување на јавните повици. Сето тоа придонесе за само две години Република Северна Македонија да стане позитивен пример во регионот во делот на искористеноста на европските ИПАРД фондови“, изјави Димковски.
Само за првиот јавен оглас од ИПАРД 2 објавен во 2017-та година се склучени 947 договори и досега се исплатени околу 3,9 милиони евра. Огромен интерес земјоделците покажаа и за двете мерки од ИПАРД 2 програмата што се објавија со вториот повик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.