Економија
Со шестиот пакет економски мерки поддршка од 17,8 милиони евра за 10 илјади фирми и 60 илјади вработени
Шестиот пакет-мерки, усвоен на денешната 66-та седница, опфаќа седум мерки, со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона-кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, при што ќе се поддржат 10.000 компании, кои вработуваат приближно 60 илјади граѓани, соопштија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Развојната банка, Кире Наумов, на заедничката прес-конференција.
„На сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30 % од приходите, износ што ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицира за деновите во кои овие дејности беа затворени. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка од вработен, заклучно со 6.4.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти, кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра. На речиси ист принцип, со 2,5 милиона евра, ќе се поддржат категоризираните ресторани за свадби, игротеките, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес-центрите, фотографите и фотографските студија. Во овие категории спаѓаат околу 1.200 компании и ќе им бидат покриени 30 % од приходите, износ што ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари за вработен, заклучно со 31.12.2020 година“, соопшти вицепремиерот Битиќи.
Битиќи соопшти дека категоризираните туристички агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милион евра. Притоа туристичките агенции со А-лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б-лиценца ќе добијат до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари, како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето-приход под 15.000 денари.
Речиси два милиона евра се наменети за компаниите што ја реинвестирале добивката од 2020 година, мерка што ќе се реализира преку Развојната банка, а ќе им помогне на компаниите да ја зголемат ликвидноста, да ги реализираат своите инвестициски планови и да продолжат со својот развој преку субвенционирање каматни стапки. Преку бескаматна кредитна линија преку Развојната банка од еден милион евра ќе се поддржат медиумите што емитуваат радио и телевизиска програма.
„Во очекување на претстојната туристичка сезона и како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка, а со тоа и угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР-тестови за странските туристи што престојувале во државата“, рече вицепремиерот.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека туристичко-угостителскиот сектор е најпогодениот од почетокот на кризата предизвикана од пандемијата и токму затоа Министерството за економија во првите пет сета мерки се фокусира на поддршката токму на овој сектор.
„Досега овој сектор е поддржан со над десет милиони евра, и тоа преку ваучери за домашен туризам со вкупно 6,2 милиони евра, со враќање на уплатената туристичка такса со вкупна вредност од 950 илјади евра, со грантови за туристички агенции во вредност од 1,2 милиона евра, со средства за кофинансирање настани и конференции со финансиска поддршка од државата, каде што беа наменети 24 илјади евра, преку грантови за категоризирани ресторани за свадби со 906 илјади евра, грантови за игротеки во вредност од 222 илјади евра, грантови за туристички водичи со лиценца, кои добија 82 илјади евра, како и со мерката за продолжување на лиценците за работа на дискотеките и ноќните клубови, мерка што изнесуваше 97 илјади евра“, истакна министерот за економија.
Бектеши се задржа на дел од мерките од шестиот пакет, кои ќе ги спроведува Министерството за економија, при што посочи дека за поддршка само на туристичко-угостителскиот сектор со шестиот пакет-мерки се предвидени мерки во вкупна вредност од 14,8 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.