Економија
„Јунајтед груп“ станува членка на Алијансата за одговорно работење
Водечкиот телекомуникациски и медиумски провајдер во Југоисточна Европа – Јунајтед Груп, во чии рамки работи компанијата Тотал ТВ во С. Македонија, стана членка на Алијанса за одговорно работење (Responsible Business Alliance – RBA). RBA е најголемата светска индустриска коалиција посветена на одговорното деловно однесување во глобалните синџири на снабдување.
Јунајтед Груп им се придружува на околу 500 други членови на Алијансата кои се подеднакво посветени на подобрување на работните услови, условите во животната средина и деловните перформанси преку водечките етички стандарди и практики. Членовите на Алијансата вработуваат вкупно 21 милион луѓе со комбиниран годишен приход од 7,7 трилиони долари.
Одговорните набавки и одржливите практики се во сржта на стратегијата на Јунајтед Груп. Со приклучувањето кон RBA, Јунајтед Груп се обврзува да го почитува својот Кодекс на однесување во сопствените операции и да го применува на своите добавувачи. Активно ги охрабруваме сите наши добавувачи да го сторат истото во нивните сопствени синџири на снабдување и редовно ќе ги следиме за да се осигураме дека тоа предизвикува позитивни промени.
„Среќна сум што Јунајтед Груп стана членка на Алијанса за одговорно работење – RBA и горда сум на работата што веќе ја правиме што ни овозможува да се приклучиме на стотици бизниси – истомисленици во коалицијата. Кодексот на однесување на добавувачите на Јунајтед Груп, кој ги одразува принципите на RBA, гарантира дека целиот наш синџир на снабдување ни помага да постигнеме посветла, поодржлива иднина на етички и одговорен начин. Без поврзаноста што ја носи нашата индустрија, развојот на нашите економии и општества би бил ограничен. Затоа, имаме одговорност кон себе и кон нашите клиенти континуирано да ги исполнуваме највисоките можни стандарди“ – изјави Викторија Боклаг, извршниот директор на Јунајтед Груп.
За Јунајтед Груп
Јунајтед Груп со седиште во Холандија, во чии рамки работи компанијата Тотал ТВ во С. Македонија е водечки телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа. Активна во осум земји, групацијата има приближно 15 милиони корисници и повеќе од 15.500 вработени. Таа генерира приближно 2,5 милијарди евра годишни приходи. Јунајтед Груп има најширока мрежна покриеност во регионот и им нуди на корисниците најатрактивниот избор на ТВ содржини од целиот свет. Значајните инвестиции во дигиталната инфраструктура, содржината и технологијата обезбедуваат извонредност на производите и услугите што ги обезбедува на клиентите. Јунајтед Груп е во мнозинска сопственост на BC Partners, една од најголемите светски инвестициски компании, од март 2019 година.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.