Економија
Отворање на фирма од дома
Македонците и странските државјани ќе можат да отворат компанија во Македонија по електронски пат.Централниот регистар ја презентираше втората фаза од едношалтерскиот систем во подобрување на функционирање на електронското работење
Македонците и странските државјани ќе можат да отворат компанија во Македонија по електронски пат.
Централниот регистар ја презентираше втората фаза од едношалтерскиот систем во подобрување на функционирање на електронското работење, а ја заокружи првата фаза која се однесува на чување на податоци во однос на елементарна непогода (Disaster Recovery Centar).
„Со овој проект овозможена е регистрација на фирма во електронска форма, лицата од својата канцеларија ќе можат да регистрираат фирма во Македонија“, изјави министерот за економија Фатмир Бесими.
Министерот рече дека покрај стопанствениците директна корист од овој проект ќе имаат проценителите, стечајните управници, судиите, нотарите бидејќи сите ќе бидат поврзани во еден систем за олеснување на регистрацијата на бизнис во Македонија.
Македонија е на шесто место во светот според својата развиеност во она што го нуди централниот регистар за граѓаните, изјави премиерот Никола Груевски.
„Со електронското регистрирање од било која земја на светот ќе може да се отвори фирма во Македонија по електронски пат со електронски потпис, добивање на даночен број и резервација на фирма“, рече премиерот.
Во 2009 година отворени се околу 11 илјади компании, а затворени се 5400 компании.
„Трошоците за отворање на ново трговско друштво со ограничена одговорност се намалени за шест проценти и изнесуваат 2400 денари, а затворање на компанијата трошоците се намалени од 1300 на 500 денари“, изјави Ванчо Костадиновски директор на Централниот регистар.
Периодот на затворање на компанија е 40 до 45 дена доколку нема побарувања од страна на доверители, а за отворање на нова компанија периодот е четири часа.
„Првата фаза на Централниот регистар за чување на податоци изнесува 1,2 милиони евра, инвестицијата за втората фаза изнесува 1,9 милиони евра, средствата се обезбедени од Светската Банка“, изјави Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Груевски рече проектот за набавка на автобуси изнесува 46 милиони евра, првата тура на новите унгарски автобуси ќе пристигне оваа есен, а соработката со кинеската фабрика е започната.
Според премиерот порастот на извозот за 8 проценти и развојот на трговијата од 11 отсто е добар показател, но треба да бидеме претпазливи се додека зависиме од економијата на Европската Унија./крај/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.