Економија
18 години МАСИТ: ИКТ-индустријата е носечка за економски и општествен развој
Денеска се одржа годишното Собрание на Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и официјално се одбележа 18-годишнината од основањето на комората.
Во рамки на настанот се одржа и јавна панел-дискусија на тема ,,Развојот на ИКТ-индустријата” на кој се обратија претседателот на управниот одбор на МАСИТ, Горан Попоски, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, амбасадорот на Холандија во Македонија,Воутер Пломп, како и директорот на мисијата на УСАИД Македонија, Дејвид Етбери.
Панелот го водеше претседателот на собранието на МАСИТ, Драган Чепујноски, кој во воведното обраќање пред присутните го истакна општествено-економското значење на развојот на ИКТ-индустријата и влијанието што овој сектор го има врз извозот и развојот на националната економија.
Попоски, претседателот на управниот одбор на МАСИТ, го акцентираше позитивниот тренд на зголемениот број членки на комората, како јасен индикатор за позитивен колективен став на чинителите на индустријата во правец на креирање позитивни промени, легислатива и активни мерки кон зголемување на конкурентноста на домашните ИКТ-компании на меѓународниот пазар и ја истакна соработката со македонската влада, холандската амбасада и УСАИД во тој правец.
Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, истакна дека клучот за развој е надминување на пречките преку дигитализација и тоа преку обединување на сите општествени сегменти: академија, бизнис и влада. Исто така, Манчевски истакна дека транспарентноста на информациите е единствен начин за прогресирање во глобалниот свет.
,,Науката и технологијата се обединуваат во проектот – ‘,Технолошки парк’, кој ќе ги подржи малите и средни компании – проект на кој владата и вклучените страни активно работат“, истакна Манчевски објаснувајќи дека овој проект ќе влијае на зголемување на вработувања и пораст на платите.
Манчевски најави и ре-ижинерирање на процесите со цел оптимизација и подобрување на функционалноста на услугите кон граѓаните и бизнисите, преку модел на one –stop услуга.
Панел-дискусијата беше збогатена со конкретни примери од ИКТ-инудстријата на Холандија од страна на холандскиот амбасадор, Пломп, кој истакна дека е инспириран од македонската ИКТ-индустрија и потенцираше дека не постои разлика во квалитетот на услугите кои ги нудат македонските ИКТ-компании од странските.
Директорот на мисијата на УСАИД за Македонија ја потенцираше плодната соработка на МАСИТ и УСАИД, и при тоа истакна дека од 2003тата година па сè до денес има пропознатлива прогресија во равојот на македонската ИКТ-индустрија и е горд што УСАИД е катализатор на дел од тие позитивни процеси.
Веднаш по панел-дискусијата, почна работниот дел од Собранието на МАСИТ.
Денес МАСИТ брои 77 членови од ИКТ-индустријата во Македонија, многу воспоставени партнерства, како и портфолио од значајни проекти од областа на економија, легислатива, извоз и развој. Во улога на единствена ИКТ-комора во Македонија и регионот, МАСИТ продолжува да гради партнерства, проекти и клима за уште подобро развивање на ИКТ-индустријата и подобрување на конкурентноста на македонските ИКТ-компании на светскиот пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.