Економија
Туристичкиот потенцијал на Македонија интересен за ОАЕ
Постои голем потенцијал за туристички посети во Македонија, како и потенцијали за инвестирање, оцени министерката за надворешна трговија на Обединетите Арапски емирати (ОАЕ) денеска во Скопје.
„Сметаме дека постои голем потенцијал за туристички посети во Македонија, бидејќи има прекрасни места, планини, езера. Охрабрена сум од посетата и ги поканам бизнисмените од мојата земја да дојдат и да го видат потенцијалот за инвестиции во Македонија“, изјави министерката Шеика Лубна бин Калил Ал Касими по разговорите со македонскиот министер за економија Фатмир Бесим.Соговорниците, како што соопшти Владата, констатирале дека има можности за поинтензивна економска соработка меѓу Македонија и ОАЕ, особено во енергетиката, инфраструктурата и туризмот, оценија министерот за економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска вклученост е сеопфатен напор за подигнување на финансиската писменост
Финансиската едукација и финансиската вклученост се суштински за економскиот раст и општествениот развој, но и за граѓаните, бидејќи само финансиски едуцирано лице може да носи исправни одлуки за штедењето, кредитирањето и инвестирањето. Финансиската едукација е значајна и за целиот финансиски систем, бидејќи го намалува ризикот од презадолженост и со тоа придонесува за целокупната финансиска стабилност.
Спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска вклученост во нашата земја, којашто е за првпат донесена од страна на финансиските регулатори предводени од Народната банка, е сеопфатен напор насочен кон справување со различни предизвици за финансиската писменост во земјата. Воспоставена е силна рамка за соработка, којашто обединува учесници од различни сектори, вклучувајќи ги и регулаторните и образовните институции, граѓанските организации и приватниот сектор. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на настанот за размена на искуства со неколку земји во доменот на финансиската едукација, организиран во рамките на регионалниот Проект за поддршка на финансиската едукација, спроведен од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со поддршка на Министерството за финансии на Холандија и платформата „Манивајс“.
Раководителот на ОЕЦД за заштита на корисниците на финансиски услуги, финансиска едукација и вклученост, Мајлс Ларби, во своето видеообраќање на настанот им честиташе на Народната банка и на Координативното тело за финансиска писменост и финансиска вклученост за достигнувањата во финансиската едукација во изминатите години. Ларби наведе дека спроведувањето на Националната стратегија во Северна Македонија е во согласност со препораката на ОЕЦД за финансиска писменост и добрите меѓународни практики на ОЕЦД/ИНФЕ.
Тој посочи дека „подобрувањето на финансиската писменост им помага на луѓето да носат посигурни финансиски одлуки засновани на информации, што на крајот придонесува кон нивната финансиска благосостојба“. „ОЕЦД преку регионалниот проект за финансиска едукација поддржан од Министерството за финансии на Холандија, изразува задоволство што може да го поддржи развојот на финансиската едукација во Северна Македонија и во другите земји низ годините“, рече Ларби.
Осврнувајќи се на финансиската писменост, гувернерката Ангеловска-Бежоска во своето обраќање ги посочи податоците од Меѓународната анкета за финансиската писменост на возрасното население на ОЕЦД/ИНФЕ од 2023 година[i], според кои нивоата на финансиската писменост ширум Европа и натаму се алармантно ниски, со само 52% од возрасното население во Европа со основни финансиски знаења, додека кај нас тој процент е уште понизок со 42%. Ова покажува дека иако се преземени повеќе активности за унапредување на финансиската писменост, сѐ уште има предизвици во светски рамки.
Во однос на финансиската вклученост, гувернерката се осврна на родовите јазови во финансиската писменост и вклученост, како едно од најважните прашања коешто е значајно не само од аспект на родовата еднаквост, туку и од аспект на економскиот развој. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека кај нас се забележува значителен родов јаз во поседувањето сметка, така што 80% од жените и 91% од мажите во земјава имаат сметка во банка.
„За да го премостиме овој јаз, мораме да спроведеме мерки насочени кон финансиската еманципација на жените, како достапноста на образовните ресурси приспособени кон потребите и околностите на жените, при што ќе се земат предвид факторите како што се семејните околности или работниот статус“, посочи гувернерката.
Според неа, значителен јаз има и кај финансиската вклученост на младите лица во регионот во споредба со ЕУ. Кај нас, иако изминатата декада бројот на младите лица кои поседуваат сметка порасна (74%), сепак се забележува значителен јаз во однос на еврозоната (95%).
Ублажувањето на овие јазови е од особена важност, особено во нашиот регион, којшто заостанува и во делот на финансиската конвергенција и пристапот до финансирање. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи на високиот јаз којшто постои во делот на финансиското посредување помеѓу регионот и ЕУ, со учество на заемите во БДП од 45% и 80%, соодветно, како и на други показатели коишто ја потврдуваат оваа констатација.
Во пресрет на последната година од периодот што го покрива Националната стратегија за финансиска писменост, секогаш е неопходна процена на ефективноста на сегашните програми преку анализа и повратни информации од засегнатите страни, мерење на знаењето и евалуација на промените во однесувањето коишто произлегуваат од образовните иницијативи. Размената на искуствата со колегите од Грузија, Ерменија Италија, Полска и Хрватска се значајни и за утврдувањето на насоките за новата среднорочна стратегија.
Економија
Цените на производите соборуваат рекорди, а Мицкоски нè храни со лаги, велат од СДСМ
„Инфлацијата во месец ноември достигна 4,3%, според Државниот завод за статистика. Оваа бројка не е само статистика, туку директен удар врз секој граѓанин, врз секој семеен буџет. Цените растат, трпезите се празнат пред празниците – дали ова е добрата иднина што ни ја ветуваа?“, прашува СДСМ.
„Секој ден сè потешко се живее, потешко се пазари и граѓаните се се посиромашни. Наместо да работи за граѓаните и нивните интереси, Владата на Мицкоски ги штити трговците. Секој од нас ја плаќа нивната неспособност – дали сме должни да се откажеме од пристоен живот за време на празниците заради нивните тесно партиски интереси и неспособност?
Новогодишната „кошничка“, која ја најавуваат, е само уште една манипулација за да го одвлечат вниманието. Исто како „есенската кошничка“, која наместо поевтини производи донесе само разочарување. Владата нè храни со лаги, а цените само растат!
Додека цените растат, платите стојат. Животот станува луксуз за обичниот човек. Ова не е грижата што народот ја заслужува.
СДСМ уште еднаш повикува на итно преземање на мерки што ќе го олеснат животот на граѓаните. Итно прифаќање на предлозите кои ги даде СДСМ кои докажано функционираат и ќе ги намалат вистински цените. Доста е од лаги и манипулации кои граѓаните сами ги препознаваат во маркетите. Секоја лоша политика на Мицкоски удира директно по џебто на граѓаните.
Граѓаните заслужуваат сигурност, стабилност и реални решенија – не празни ветувања и трикови.Време е Владата конечно да работи за граѓаните. Во спротивно, оваа зима ќе остане запаметена како периодот кога народот скапо ја плати туѓата неспособност“, соопшти СДСМ.
Економија
Дизелот од полноќ поевтинува за 1 денар, се намалува и цената бензинот 98
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,18 % во однос на одлуката од 2.12.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,463%, кај дизелот за 1,862%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 0,882% и кај мазутот зголемувањето е за 1,83%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,2082%.
Од 11.12.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „Евросупер БС“ – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин „Евросупер БС“ – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво „Евродизел БС“ (Д-Е V) 70,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,775 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „Евродизел“ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот „Евросупер БС -98“ се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на бензинот „Евросупер БС-95“ и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,517 ден/кг и сега ќе изнесува 45,775 ден/кг.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.12.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.