Економија
Македонија трет најдобар економски реформатор во светот
Македонија е рангирана на одличното трето место во светот како најдобар реформатор во бизнис климата според реномираната светска фирма Doing Business на Светска банка за оваа година, соопшти министерот за финансии Зоран Ставрески
„Тоа е најобјективната потврда за квалитетот на економските политики и за спроведените реформи од страна на Владата на Македонија, бидејќи потврдата доаѓа од надвор, од тимот на Doing business на Светска банка, кој е тим на професионалци и којшто е најкомпетентен да ги оцени политиките и реформите направени од страна на Македонија за подобрување на бизнис климата. Извештајот се однесува на периодот јуни 2008 – јуни 2009 се работи за реформи спроведени во тешки, кризни времиња“, рече Ставрески на денешната прес-конференција.
На листата за „Услови за водење бизнис“ од истата институција Македонија е рангирана на 32 место, меѓу 183 држави и оствари скок од 37 места во однос на лани, кога беше на 69-та.
Македонија со 32-то место на листата Doing Business 2010 е рангирана најдобро во регионот, пред Бугарија (44), Словенија (53), Романија (55), Албанија (82), Србија (88), Хрватска (103), Грција (109).
Земјите на листата Doing Business се рангирани според повеќе категории, соопшти Ставрески, и тоа: започнување бизнис каде Македонија е на 6 место, добивање градежни дозволи, услови за вработување со 58 место, регистрирање на недвижности, добивање кредити 43 место, заштита на инвеститорите 20 место, плаќање данок на 26 место, прекугранично тргување, присилно спроведување договори и затворање на фирми.
Македонија е најдобро рангирана во категоријата „започнување бизнис“ и се нагласува дека фирма се регистрира со 4 процедури за 4 денови, без минимален капитал.
Најдобри на светот за водење бизнис, според оваа листа се Сингапур, Нов Зеланд, Хонг Конг, САД, Велика Британија, Данска, Исланд, Канада, Австралија и Норвешка.
За прв пат годинава топ-реформатор е земја од субсахарска Африка и тоа Руанда, а по неа следуваат Киргистан, Македонија, Белорусија, Обединетите Арапски Емирати, Молдова, Колумбија, Таџикистан, Египет и Либерија.
на новинарско прашање, зошто ако Македонија последниве госини се наоѓа на врвот на ваквите листи, сепак нема странски инвестиции, министерот Ставрески рече дека тоа е така, затоа што цел свет е во економска криза и никој не сака да инвестира додека не се смени глобалната економслка клима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.