Економија
НБРМ ги спушти каматите, на ред се банките
Каматата на благајничките записи е намалена од 9 на 8,5 проценти, а од 1 јануари на банките им се укинува и мерката – издвојување задолжителен депозит
Народната банка на Македонија од вчера ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,5 проценти, односно од 9 на 8,5 отсто, а од 1 јануари целосно се укинува и мерката со која банките беа должни да издвојуваат како задолжителен депозит доколку надминат 11 проценти раст на кредитирањето на населението. Двете мерки следат како резултат на подобрен економски амбиент во земјава во последниот квартал од годинава, како и од оценката на Централната банка дека издвојувањето на задолжителниот депозит имаше дестимулативно дејство на кредитната активност.„Ваква мерка повеќе не е потребна“, изјави гувернерот Петар Гошев и додаде дека очекува наредната година растот на кредитите да биде 6,5 проценти.За тоа како ќе реагираат банките на најновата одлука, гувернерот Гошев рече дека секоја банка одделно ќе анализира како ќе одговори.Тој потенцира дека домашната економија се покажа како релативно отпорна на глобалниот шок.„Оценките за 2009 г. укажуваат на реален пад на бруто домашниот производ од -1,6 отсто (намалување на БДП во првата половина од годинава од -1,2 отсто) што е значајно помалку од падот во Србија, Хрватска, Романија, Турција, Црна Гора„, нагласи Гошев.Според него, од јуни до сега БДП драстично се намали и речиси веќе нема притисок на девизниот пазар.„Девизните резерви и натаму растат. Дефицитот на тековната сметка наместо проектираните 9,1 отсто ќе биде 8 проценти, а во 2010 г. влегуваме со поповолна позиција„, вели Гошев.Наредната година се очекува поповолен амбиент за водење на монетарната политика како резултат на очекувањата за умерен раст на светската економија. Проекциите се дека растот на БДП ќе изнесува помеѓу еден и два проценти, просечната инфлација 1,2 проценти, личната потрошувачка се очекува да порасне за еден процент, инвестициите треба да пораснат за 6 проценти, негативниот јаз во тековната сметка се очекува да се зголеми од осум на 9,4 проценти, а трговскиот дефицит од 23,2 на 25 проценти од БДП. Сите проекции, истакна Гошев, сепак имаат ризици имајќи ги предвид моменталните ранливи услови.„НБРМ ќе продолжи да ја применува монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот во однос на еврото и во текот на 2010 година, односно стабилниот девизен курс ќе продолжи да биде номинално сидро за стабилизирање на очекувањата и одржување на стабилноста на цените„, рече гувернерот.Девизните резерви на крајот на декември се очекува да изнесуваат 1,57 милијарди евра, а од јуни годинава, како што информира Гошев, почна тренд на откуп на девизи, наместо продажба, како што беше во првата половина на годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.