Економија
Општините со одредени забелешки за Законот за легализација
Нееднаква состојба на легалните плаќачи и оние кои граделе на диво, да се казнат оние кои граделе нелегално, оние кои живеат во руралните средини со надоместокот за легализација ќе плаќаат поскапо отколку со правилникот за комуналии, да се овозможи легализација на колективните згради и деловните центри.
Ова се заклучоците на општините кои ги потенцираа на презентацијата на предлог законот за постапување со бесправно изградените градби и за кои сметаат дека треба да бидат изменети во предлог законот.
„Каков ќе биде статусот со вработените во странство кои може да заработуваат и 2.000 евра сакам да потенцирам за руралните општини да остане на сила таксата за градба донесена од советот на општината и тие што нема да се повикуваат на законот да се плаќа глоба“, рече Фатмир Изаири, градоначалник на општина Желино.
Стевче Јакимовски, градоначалник на општина Карпош вели дека треба да се вметне во законот прашањето на колективното домување и доградба, прашањето на деловните објекти како и проблемите кои имаат уставно правен карактер.
„Со овој закон не се вклучени деловните објекти, најголем проблем е кај колективното домување во кој семејствата не можат да извададт имотни листови.
Треба да се направи пресек до кога ќе се прифаќаат дивоградбите во овој преод може да ни никнат многу дивоградби и со тоа ќе имаат плаќање по бенифицирани цени“, рече Јакимовски.
Руфи Османи, градоначалникот на Гостивар, вели дека треба да се исфрли надоместокот како и да се зголемат роковите на шест месеци за да им се овозможи на оние кои се во странство да ги легализираат своите објекти.
„Еднаш ќе го пресечеме овој процес на дивоградби, општините потоа ќе треба да бидат подготвени за секоја следна нелегална градба да биде санкционирана. Ова треба да биде порака дека е последно нешто кое е допуштено да се гради нелегално“, изјави Коце Трајановски, градоначалник на Скопје.
Согласно предложениот закон од страна на владата, сопствениците на бесправно изградени градби на територијата на Македонија ќе имаат можност во рок од шест месеци, по стапување на сила на законските измени, да покренат постапка за легализација на објектите.
Општините ќе бидат надлежни за градбите со намена производство, дистрибуција и сервиси и градбите со намена домување во куќи, а Министерството за транспорт и врски ќе ја спроведува постапката за градби од државно значење.
Висината на надоместокот за легализација на градбите изнесува 0,5% од вкупниот годишен приход на членовите на семејството помножен со вкупната површина во метри квадратни.крај/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.