Економија
Wall Street потона по намалениот кредитен рејтинг на САД
Акциите на Wall Street денеска потонаа веднаш откако бонитетската куќа Standard & Poor ја намали прогнозата за кредитниот рејтинг на САД од стабилна во „негативна“,
еАгенцијата Standard & Poor денеска го потврди кредитниот рејтинг на САД на „ААА“, но во извештајот истакна дека „верува оти постои материјален ризик дека креаторите на американската политика нема да постигнат договор за тоа како ќе ги решаваат среднорочните и долгорочните буџетски предизвици до 2013 година“.„Ако не биде постигнат договор и промените не почнат до тогаш, тоа, според нашето мислење, ќе го направи фискалниот профил на САД битно послаб од оној на другите земји со кредитен рејтинг ААА“, истакнува агенцијата. Смалувањето на прогнозата на „негативна“ значи дека постои 33 проценти можност агенцијата во идните две години да го намали и самиот рејтинг. Цените на акциите паднаа веднаш по објавувањето на извештајот, но веднаш потоа се стабилизираа. Вредноста на доларот падна за 0,7 проценти во однос на јапонскиот јен, а ја изгуби и предноста во однос на еврото која ја стекна во изминатиов период. По смалувањето на прогнозите скокнаа цените на 10-годишните обврзници, што е вообичаено во вакви случаи. Скокнаа и цените на осигурувањето против неплаќањето на долговите на владите или на банките (ЦДФ). Помошничката на американскиот министер за финансии Мери Милер во врска со извештајот на S&P изјави дека агенцијата ги потценува американските функционери. „Ние веруваме дека негативната прогноза на S&P ја потценува способноста на американските функционери заеднички да се справат со тешките финансиски предизвици со кои се соочува земјата“, вели Милер и додава дека соперничката бонитетска агенција Moody’s денеска објавила оти вниманието кое американските политичари во Вашингтон и го посветија на фискалната состојба на земјата е „позитивна за долгорочната фискална позиција на сојузната влада на САД“. Американскиот буџетски дефицит оваа година би требало да изнесува околу 1.500 милијарди долари или 9,8 проценти од БДП на земјата, а министерството за финансии предвидува вкупниот државен долг веќе на почетокот на јуни да ја премине границата од 14.300 милијарди долари. Затоа конгресот, најверојатно, ќе мора да ја подигне таа граница, инаку може да се случи САД од јули да не може да ги сервисира обврските кон странство. Според предлогот на претседателот Барак Обама, оваа граница до 2016 година мора да изнесува 20.800 милијарди долари. /крај/хина/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.