Економија
Хотелиерите демантираат дека Охрид е скапа туристичка дестинација
Охридските хотелиери, тур-оператори и угостители реагираат на изјавите на одредени тур-оператори од Скопје, кои неодамна во јавноста изнесоа тврдење дека Охрид е скапа туристичка дестинација.
Охридските хотелиери, тур-оператори и угостители реагираат на изјавите на одредени тур-оператори од Скопје, кои неодамна во јавноста изнесоа тврдење дека Охрид е скапа туристичка дестинација.
Според нив, таквите тези се неточни, тенденциозни и ќе нанесат голема штета на домашниот туризам.
„Десетина години веќе се повторува дека Охрид е најскапа дестинација на Балканот во овој период и дека во Охрид ништо не е онака како што треба, на што реагираме и одговорно ги демантираме таквите тврдења кои секоја година ги пласираат неколку агенции од Скопје, со цел македонските туристи да се одлеат на просторот во Грција или во други дестинации“, изјави Олга Илоска од хотелот „Инекс Горица“.
Перо Кутаноски, менаџер на хотелот „Гранит“, укажува дека Охрид е неколкукратно поевтин од Грција и дека е некоректно во јавноста да се пласираат невистинити информации, кои, како што посочи, во време на интернет и глобална комуникација можат лесно да се проверат.„Сместување во хотел со 4 ѕвезди прва линија во Грција е од 70 до 100 проценти поскапо од иста локација во Охрид. вели Кутаноски.
Тој посочи дека одредени домашни тур-оператори вршат закуп на капацитети на грчката ривиера во декември за претстојната сезона, но тоа никогаш не го направиле со Охрид.
„Им нудиме на сите тур-оператори да склучат договори со нас во истиот период кога тоа го прават со другите дестинации и ние исто така ќе им дадеме прифатливи цени, но Охрид не стои во нивните понуди и тие не го ни продаваат, додаде Кутаноски.
Според туристичките работници, покрај сместувањето, во Охрид оваа сезона далеку поевтини се и цените во угостителските објекти.
„Очигледно е дека некој намерно сака да го наруши имиџот на Охрид, но тоа може да предизвика само краткорочна штета, затоа што Охрид е поатрактивна и поконкурентна дестинација од тие што ги нудат и се подобро се продава на светскиот пазар, изјави Олег Маленко од Т.А. „Вис-Пој“
Туристичките работници ги повикаа домашните гости да го посетат Охрид, кој како што рече Тоше Чочороски, менаџер на хотелот „Силекс“ никогаш не бил посреден, поорганизиран и поевтин.
„Ние ги сакаме домашните гости и ги почитуваме еднакво како и странските туристи, и навистина е штета доколку некој тур-оператор со одредена цел сака да им наштети на охридските колеги“, рече Чочороски.
Зад охридските туристички работници застана градоначалникот Александар Петрески, кој ги повика македонските граѓани да го посетат Охрид и да уживаат во убавините и амбиентот каков што нема на ниту едно друго место во светот.
„Охрид со природните убавини и богатото културно историско наследство, но и со хотелите, сместувањето и услугите во угостителските објекти во ништо не заостанува зад познатите светски центри и тврдам дека нудиме квалитетен туристички производ и ги повикувам македонските граѓани да дојдат и да се уверат самите во тоа“, рече Петрески.
Според најавите и склучените аранжмани, претстојната туристичка сезона ќе биде една од најуспешните на Охрид. Хотелските капацитети во шпицот на сезоната во јули и август се исполнети над 90%, а слични најави има и во приватното сместување. /крај/охрид.њуз
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.