Економија
Европските акции на највисокото ниво во пет седмици
Европските акции го достигнаа во средата најголемото ниво во последните пет седмици, поддржани од добивките во рударскиот сектор по растот на цените на металите кои беа поттикнати од податоците од Кина
Европските акции го достигнаа во средата најголемото ниво во последните пет седмици, поддржани од добивките во рударскиот сектор по растот на цените на металите кои беа поттикнати од податоците од Кина, а инвеститорите очекуваат скорешно решавање на словачката блокада на планот за спас на еврозоната.Индексот на лондонската берза FTSE зајакна за 0,5 отсто на 5,421 поен, франкфуртскиот DAX за 1,3 отсто на 5.939 поени а парискиот CAC за 1,5 проценти на 3.199 поени. Рударскиот сектор во просек доби на вредноста 2,2 отсто откако цените на бакарот се зголемија за повеќе од два отсто а поскапеа и другите клучни базни метали. Аналитичарите тврдат дека кинеските потрошувачи купуваат бакар за да ја намират непосредната побарувачка, која ја исцрпи понудата од Азија. Акциите исто така беа поддржани од податоците кои покажаа дека индустриското производство во еврозоната во август ги натфрлило очекувањата. Меѓу добитниците се издвојуваа, исто така, и акциите на автомобилските компании, во просек на добивка поголема од 3 отсто. Особен силен скок забележаа производителите на луксузни автомобили, како што се BMW и Daimler, темелен врз надежите во подобрувањето на побарувачката за нивните возила. Партиите во владата на Словачка на премиерката на заминување Ивета Радичова, ќе преговараат со опозицијата за да што побрзо ги усогласат ставовите откако парламентот во вторникот навечер не успеа да го ратификува договорот за проширување на овластувањата за Европскиот фонд за финансиска стабилност (ЕFSF), што е важно за спас на Грција. Словачка е единствената од 17-те земји членки на еврозоната којашто не го ратификуваше договорот, но се очекува дека тоа ќе го стори во второто гласање закажано за неколку дена. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е убедена оти сите членки ќе го ратификуваат договорот до почетокот на самитот на Европската унија кој е презакажан за една седмица, односно на 23-ти октомври.Пазарите очигледно уште се надеваат на сеопфатниот план за борба против должничката криза во еврозоната. Тоа би можело да ги поддржува пазарите во наредните неколку месеци“, вели Филип Гижсел, раководител на истражувањето во компанијата „BNP Paribas Fortis Global Markets“.„Словачка би можела наскоро да го ратификува договорот. Меѓутоа, тоа уште еднаш покажува колку тежок може да биде демократскиот процес на одлучување во заедницата со 17 членки“, вели Гижсел.Инвеститорите очекуваат во текот на денот објавување на планот на Европската унија за докапитализација на баките што би требало да го ублажи влијанието на можниот банкрот на Грција врз банките во регионот. Банкарскиот сектор во просек доби на вредноста 1,2 отсто. Индексот на токиската берза Nikkei го затвори тргувањето во минус од 0,4 отсто паѓајќи се на 8,738 поени. /крај/ро/хисн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.