Економија
Огромен скок на акциите на Волстрит
Акциите на Волстрит вчера доживеаја огромен скок, при што индексот Dow Jones оствари најголем дневен раст во повеќе од една година и денот го заврши над психолошката граница од 12.000 бодови.
Акциите на Волстрит вчера доживеаја огромен скок, при што индексот Dow Jones оствари најголем дневен раст во повеќе од една година и денот го заврши над психолошката граница од 12.000 бодови.
Скокот се случи откако повеќе светски централни банки го објавија планот за поддршка на глобалниот финансиски систем и откако извештаите за стопанствата во водечките земји ги надминаа очекувањата во позитивна смисла.
Индексот Dow Jones порасна за 490,05 бодови или 4,24 проценти, на 12.045,68 бодови, предводен со акциите на Caterpillar и JPMorgan Chase. Со дневните добитоци, blue-chip индексот заврши во позитива за месецот ноември и се врати во позитива за 2011 година, објасни деловната редакција на американската ТВ мрежа CNBC News.
Поширокиот индекс на S&P 500 скокна за 51,77 бодови или 4,33 проценти и го заврши тргувањето на 1.246,96 бодови. Dow Jones и S&P 500 се на добар пат да ги остварат своите најдобри резултати во изминативе три години.
Сите десет сектори на индексот S&P 500 се затворија во цврста позитивна позиција, на чело со финансиите и материјалите.
Технолошкиот индекс Nasdaq скокна за 104,83 бодови или 4,17 проценти, на 2.620,34 бодови.
Индексот на волатилноста CBOE, кој се смета за најдобро мерило на стравот на пазарите, падна под 28, по прв пат од почетокот на ноември.
Централните банки на клучните светски економии вчера постигнаа договор за преземање на координирани мерки, за да се ублажи недостигот од ликвидност во светскиот финансиски систем.
Европската централна банка (ЕЦБ), американската централна банка Фед, британската централна банка Bank of England (БоЕ) и централните банки на Канада, Јапонија и Швајцарија се договорија да ја намалат цената на привремените доларски заеми за банките за пола процентен бод. Новата, пониска камата ќе се применува од понеделник при сите операции на централните банки.
Најавени се и мерки кои на комерцијалните банки треба да им обезбедат пристап до готовина во која и да било валута ако тоа го бараат приликите на пазарите, преку воспоставување на привремена мрежа на реципрочни аранжмани за валутна размена помеѓу централните банки. Целта на овие мерки е да се обезбеди ликвидност во светскиот финансиски систем.
„Ако застанете и размислите за тоа, ќе мора да сфатите во каков вид на опасност се наоѓа светот, штом сите овие банки се собраа за да ја спасуваат Европа“, рече за CNBC News Алан Валдес, потпретседател за тргување во финансиската куќа DME Securities. /крај/хина/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.