Економија
Поради штрајкот и протестите Нигерија ја намали цената на горивата
Нигерискиот претседател Гудлак Џонатан во понеделникот објави дека цените на горивата ќе бидат намалени, по што синдикатите се согласија да ги прекинат масовните протести кој армијата се обиде да ги разбие во понеделникот наутро, јавуваат светските агенции.
Нигерискиот претседател Гудлак Џонатан во понеделникот објави дека цените на горивата ќе бидат намалени, по што синдикатите се согласија да ги прекинат масовните протести кој армијата се обиде да ги разбие во понеделникот наутро, јавуваат светските агенции.Генералниот штрајк кој минатата седмица беше почнат во Нигерија, целосно го парализираше второто според обемот африканско стопанство. „Владата одобри намалување на цените на горивото на 97 наири (0,60 долари) за литар, што претставува намалување од 30 отсто“, најавил претседателот Гудлак Џонатан, како што пренесуваат Reuters и AFP.Од 1-ви јануари беа укинати субвенциите за горивата со што цената на литар бензин во Нигерија се зголеми од 65 на 150 наири. Синдикатите по разговорот со претседателот објавија престанување на штрајкот кој се претвори во насилни протести во кој смртно настрадаа повеќе луѓе а ранети беа околу 600 лица. Генералниот штрајк започна минатата седмица а беше прекинат привремено во текот на викендов со најава дека ќе продолжи во понеделникот наутро, како и протестите. Агенцијата AFP пренесува дека илјадници демонстранти се собрале утринава на централниот плоштад во главниот град Лагос, а пота таму биле испратени вооружени војници кои опкружувајќи ги во камиони и оклопни возила се обидел да ги растераат. На истото место во текот на минатата седмица секојдневно се собираа по околу 10 илјади демонстранти.Претседателот Џонатан, сепак, одбил целосно да се откаже од планот за дерегулација на нафтениот сектор. Субвенциите беа укинати на почетокот од годинава бидејќи експертите оценија дека тие ја поттикнуваат корупцијата во земјата. Меѓутоа демонстрантите ја повикаа владата да ја истражи корупцијата и расипничкото трошење на државните пари. Независната ревизија остро ја критикуваше државната нафтена компанија NNPC и регулаторите за горивата поради нетранспарентното и лошо управување, за што нигериското министерство за енергетика најави истрага. Нигерија произведува два милиона барели сирова нафта дневно, но поради децениската корупција и лошото управување е принудена да увезува речиси исто количество или барем поголем дел рафинирани горива. Оваа африканска земја со околу 160 милиони жители, најмногу на континентот, располага и со резерви од гас кои се проценети како 7-ми на светот, меѓутоа поради речиси никаквата инфраструктура произведува енергија од овој енергент колку за потребите на еден среден европски град, што значи дека поголемиот дел од населението живее без електрична енергија./крај/ро/афп/сн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трендафилов најави неколку протести: Во вторник ќе ги охрабриме судиите да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска, на прес-конференција, за 2 април најави протест, кој ќе почне пред седиштето на ССМ и ќе заврши пред Врховниот суд.
„Работниците и граѓаните имаат избор и немаат повеќе изговор да не учествуваат на ниеден од протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија. На 2 април се организира протест, кој ќе почне пред зградата на Работничкиот дом и ќе заврши пред Врховниот суд. Да им покажеме на судиите дека треба да се охрабрат, правото и правдата мора да победат и дека треба што е можно побргу да донесат нова пресуда, со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците, на оние што го граделе“, рече Трендафилов.
ССМ пред еден месец достави до Основниот граѓанскиот суд Скопје предлог за повторување на постапката врз основа на, како што кажаа, нови докази.
„Во вторник ќе ги охрабриме да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом од работниците и за доделување на државата. На државата не ѝ треба уште една зграда, ѝ требаат работници, ѝ требаат синдикати“, рече претседателот на ССМ.
На 8 април Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита организира протест од пред зградата на ССМ и ќе заврши пред Министерството за здравство, каде што ќе кажат дека не се задоволни од претстојното усогласување на платите.
„Одредени сектори, како дејноста здравство, нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата. Нема да добијат ниту во дејноста образование ниту во полицијата и неколку други дејности. Повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без никакво усогласување на платата со порастот на минималната“, рече Трендафилов.
ССМ и оваа година на 1 мај излегува на улица.
„Ќе им кажат на сите оние што претендираат да ја водат државата што бараат и што очекуваат од нив. Жалосно е да не ги слушнат работниците, а и работниците да не ја искористат можноста јасно и гласно да им кажат на претендентите што сакаат да седнат во пратеничките клупи и во владините фотелји што треба да направат за нив во наредниот период. Очекувањата се 450 евра најмалку минимална плата во првите сто дена од новата влада со политичка одлука за измена на законот, други измени, ќе се врати храната, ќе се врати превозот за работниците и ќе се извади надвор од бруто-платата неправдата што се направи во 2009 година, а работниците ќе добијат дополнителни финансиски средства“, додаде тој.
Економија
„Растот на платите со кои се фали Битиќи е лага, платите се стопија со порастот на трошоците на живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Уште една голема манипулација на СДСМ кои се во очај! Во отсуство на било какви економски резултати, Фатмир Битиќи на социјалните мрежи сподели графици со растот на платите во приватниот сектор од 2016 до 2023 година фалејќи се дека ја зголемиле благосостојбата на граѓаните и постигнале извонредно зголемување на просечната плата не само во јавниот сектор, туку и во приватниот сектор. Но дали е така“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Од вкупно 19 дејности според Националната класификација на дејности, во периодот од 2006-2016 година кога беше на власт ВМРО-ДПМНЕ во вкупно 11 дејности платите растат со посилно темпо од платите во периодот од 2017 до 2023 година.
Во градежништвото, Битиќи се фали дека платата се зголемила за 72%, но во претходниот период на владата на ВМРО-ДПМНЕ платата во градежништвото порасна за 104% (или двојно се зголемила). Се фали дека растот на платите во секторот транспорт и складирање е 50%, но во претходен период на ВМРО-ДПМНЕ растот беше 62%. Во секторот снабдување со вода и управување со отпад се фали дека платата пораснала за 47%, а во претходниот период на ВМРО-ДПМНЕ растот на платата бил 60%.
И сега, за кој повисок раст на плати збори Битиќи? Платите во секторот информации и комуникации силно растат и во двата периода и сите знаат дека овој раст е природен, условен од високата побарувачката како на домашен, така и на меѓународен план. Платите во преработувачката индустрија, рударството и услужните дејности (објекти за сместување и сервисни дејности за храна, административни и помошни услужни дејности), и во трговија на големо и мало, растат позабрзано во периодот од 2017-2023 година во услови на намалена понуда на работна сила, иселување на работната сила, барање на работа во соседни држави, а при постоење на домашна побарувачка за овие дејности. Пазарните сили ја детерминираат цената на трудот. И како е зголемена благосостојбата на граѓаните кога во ваш мандат трошоците за живот пораснаа за НЕВЕРОЈАТИ 35%? Ако се земе предвид и овој раст, којшто вие упорно не го земате, НОМИНАЛНИОТ раст на платите се топи. И пак, ВМРО-ДПМНЕ ве води во реалниот раст на платите кој беше создаван во услови на решавање на висока невработеност и со испорачување двојно повисок економски раст од вашиот! Губитници сте на секое поле“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Родовата еднаквост не само квантитативно туку и квалитативно ќе го поттикне економскиот раст
Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените. Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот. „Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.
Гувернерката додаде дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.
На работилницата во организација на Катедрата по економија, на која и гувернерката одржа предавање, учествуваа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Билјана Ангелова и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Владанка Трајкоска. Работилницата ја отвори деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески, а воведни обраќања имаа и професорките Даниела Бојаџиева и Билјана Ташевска.