Економија
Пазарите на нафта поттикнати од најавата за ангажманот на ММФ
Цените на нафтата во средата забележаа раст на меѓународните пазари, по најавата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дека засилено ќе се ангажира во надминувањето на европската должничка криза.
Цените на нафтата во средата забележаа раст на меѓународните пазари, по најавата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дека засилено ќе се ангажира во надминувањето на европската должничка криза. Така цената на барел сирова северноморската нафта од мешан тип Brent Crude Oil на лондонската берза ICE (InterContinental Exchange Futures) беше поголема за 32 центи и изнесуваше 112,2 долари. На њујоршката берза NYMEH (New York Merchantile Exchange) цената на американската лесна сурова нафта Light Sweet Crude Oil во средата се продаваше по цена повисока за 46 центи од вчерашната и изнесуваше 101,17 долари. Во вторникот навечер ММФ испрати барање за набавување дополнителни финансиски средства со коишто ќе помогне во надминувањето на должничката криза во еврозоната. Според најновите информации на Reuters од извори во ММФ, меѓународните кредитори имаат план за соберат 600 милијарди долари дополнителни средства. Ваквата најава го поддржи и еврото во однос на доларот, што пружи дополнителна поддршка на цените на нафтата искажани во долари, имајќи предвид дека ја засили куповната моќ на имателите на другите валути и со тоа ја поттикна побарувачката. Во меѓувреме, меѓународните кредитори се подготвуваат за состанокот со претставниците на грчката влада за да се продолжат прекинатите разговори за каматите кои Грција ќе ги понуди за купување на нејзините нови државни обврзници и за планот за отпишување на грчкиот долг. „Цените на нафтата ги поддржува комбинацијата од приближувањето на крајот на трендот на јакнењето ан доларот и засилениот апетит за ризичен капитал, а и базичните стопански показатели од Кина и од САД изгледаат подобро кон крајот на минатата година“, толкува за агенцијата Хари Тчилингуирјан од „BNP Paribas“.Притоа тој укажува на податоците објавени во понеделникот коишто покажаа дека зголемувањето на потрошувачката на горива во Кина бил главен придвижувач на растот на побарувачката на нафта во светот во 2011 година. Прогнозите, пак, укажуваат на послаба побарувачка на нафта, па така Меѓународната агенција за енергија (IEA) во средата објави дека побарувачката паднала првпат од светската стопанска криза од 2008 и 2009 година. Благата зима, високите цени на нафтата и се поголемите можности за рецесија на светската економија ќе ја задушат побарувачката на нафта оваа година, проценија во Агенцијата. Организацијата на земји извознички на нафта – OPEC соопшти дека цената на референтната кошница нејзина нафта во вторникот изнесувала 112.24 долари, што значи дека за 53 центи била поголема отколку во понеделникот./крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.