Економија
Иванов: Иновацијата е една од најисплатливите инвестиции
Нашата визија е да создадеме економија, во која главен двигател ќе бидат иновациите. Нашата визија е Македонија да стане земја на иноватори и на иновации, а веруваме дека истата визија ја споделуваат и нашите соседи.
Ваква порака упати македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој го прогласи за отворен првиот Балкански Инвестициски Форум, што во среда и четврток се одржува во Скопје.„Веруваме дека заедно можеме да придонесеме во развој и создавање на пазар, во кој компаниите, мали и средни претпријатија ќе се натпреваруваат секогаш со нови идеи, единствени производи и услуги, следејќи ги софистицираните производни процеси“, изјави Иванов. Истакнувајќи дека постојат разни показатели за економската развиеност, како што се БДП, нивото на странски инвестиции, инфраструктурата и енергетиката, Иванов оцени дека вистинската движечка сила за економски развој се токму претприемачите и иноваторите . „Единствен начин да ја пребродиме кризата е да ја охрабриме работата на малите и средни препријатија, кои се носители на економскиот развој“, изјави Иванов. Според него, претприемачите се луѓе што размислуваат подалеку и поинаку од останатите и претставуваат вистински поттикнувачи на економскиот развој и се лидери на општествениот напредок.„Искористете ги можностите кои се пред вас, склучувајте партнерства, инвестирајте во Македонија, инвестирајте во регионот“, им порача Иванов на околу 300 претприемачи и иноватори, кои се дел од Форумот.Американскиот амбасадорот, Пол Волерс истакна дека неговата земја активно поддржува средини кои го поттикнуваат претприемништвото, што е случај со Македонија и регионот.„Чест ми е да видам толку многу инвеститори од Европа кои се претставени на Форумот. САД ќе ги поддржат вашите заложби да инвестирате во регионот“, рече Волерс.Тој потсети дека американската амбасада поддржува неколку локални организации кои работата на поддршка на микробизнисот, на малите и средни претпријатија, на намалување на јазот меѓу работодавците и невработените и на давање помош со трансфер на технологии.Амбасадорот на Австрија, Томас Михаел Бајер оцени дека Балкански Инвестициски Форум се одржува во вистинско време во Македонија, која успешно спроведува реформи за подобрување на бизнис климата, за што најдобар показател е 22 место на листата на Дуинг бизнис.Еден од најуспешните претприемачи во изминатите години на Балканот, романскиот бизнисмен Мариус Генеа како причина за побавниот развој на претприемништвото во регионот го посочи фактот што повеќе држави одреден период биле во комунизмот, поради што има прекин во претприемачкиот дух кај неколку генерации.За надминување на ваквата состојба, Генеа предлага балканските држави уште во основно училиште да воведат предмет во кој ќе се изучува претприемништвото. На денешниот настан беа поделени награди за најдобрите идеи и иновативни решенија во Македонија во изминатата година. Првата награда и чек од 5.000 евра ја доби Орде Вељановски, второнаграден е Бојан Хаџиандоновиќ, кој е награден со 4.000 евра, а трета награда од 2.000 евра замина во рацете на Игор Саздовски. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.