Економија
Македонија се презентираше во брзорастечкиот Чингдао
Македонскиот премиер Никола Груевски ги повика кинеските компании од петмилионскиот град Чингдао, познат по брзиот економски развој со просечни 10 отсто економски раст годишно, да инвестираат во Македонија.
“Постојат голем број тековни инвестициони проекти за подобрување на инфраструктура, како што се модернизација на енергетскиот сектор и останатата физичка инфраструктура, каде што кинеските компании може да играат значителна улога”, изјави во својот говор Груевски на бизнис форумот на кој присуствуваа претставници на над 100 компании.Како што е пренесено во владиното соопштение, премиерот Груевски се осврнал на полињата на соработка и можностите за бизнис помеѓу двете земји. “Двете земји се посветени на промовирање на инвестициите во инфраструктурата, земјоделството, образованието и туризмот како нови поени на растот во билатералната соработка”, истакна Груевски.Премиерот ги истакна поволностите кои Македонија ги овозможува на инвеститорите и го акцентираше најнискиот даночен пакет во Европа, даночните ослободувања и поддршката која ја дава државата за инвестиции во технолошко- индустриските развојни зони и субвенциите за трошоци за изградба или обука за усовршување на вработените. Притоа, Груевски го истакнал проширувањето на пристапот до високото образование, особено во областите како математика, наука и информатичка технологија, и зголемената употребата на компјутери и на интернет во државните училишта и универзитети, како предност во создавањето на квалификувана работна сила потребна за инвеститорите.Од име на домаќинот, на форумот се обрати потпретседателот на градот Чингдао, Лиу Минџунг, кој ги истакна неговите уверувања за воспоставување продлабочени односи помеѓу компаниите од Чингдао и Македонија. “Република Македонија е балканска земја позната по долгата историја, пријатните луѓе и изобилството на природни богатства. Македонија и Чингдао можат да имаат иднина во соработката на разни сектори вклучувајќи го земјоделството, инфраструктурата, образованието и туризмот”, истакна Минџунг.Вицепремиерот Владимир Пешевски пред присутните претставници на форумот се осврна на конкретни проекти од областа на енергетиката, рударството и туризмот. Министерот Веле Самак ги истакна макроекономските индикатори кои гарантираат добра клима за реализација и оплодување на бизнисите додека Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида се задржа на опциите за инвестирање од областа на автомобилската и фармацевстката индустрија и инвестициските можности во земјоделскиот сектор. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.