Економија
Објавен оглас за давање во закуп државно земјоделско земјиште
Оглас за давање во закуп на над 8703 хектари земјоделско земјиште во државна сопственост до 10 хектари објави во понеделникот Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство.
Станува збор за земјиште од 18 региони, поточно за Куманово, Валандово, Радовиш, Берово, Крива Паланка, Крушево, Прилеп, Делчево, Пробиштип, Битола, Ресен, Кичево, Гевгелија, Свети Николе, Велес, Кавадарци, Кисела Вода и општина Македонски Брод. Времетраењето на закупот за кој се издава земјиштето за подигање на маслинарници е за период до 50 години, за подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години, колку што изнесува и времетраењето на закупот за вршење на спортско-рекреативни активности и рурален туризам. До дваесет години е за рибници, а до 15 години за одгледување на други земјоделски култури и за ливади. Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и/или запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства и/или да се трговец поединец на кои земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност. Услов за да учествуваат на огласот за странските правни лица е да имаат регистрирано подружници во Република Македонија. И на домашните и на странските правни лица или нивните подружници, земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи треба да им биде претежна дејност или земјоделското земјиште да им е потребно за вршење на научно-истражувачки дејности.Правните лица учесници на јавниот оглас покрај понуда за износот на годишната закупнина потребно е да достават и бизнис план со опишана цел за која се планира користење на земјиштето, технологијата која ќе се примени, број на вработени, пазарни аспекти, очекувани производно-економски резултати и слично. Заинтересираните физички лица кои ќе аплицираат за огласот потребно е со понудата за износот на годишната закупнина да достават и програма за користење на земјиштето со податоци за семејството, техничко-технолошката опременост, целта за која ќе го користи земјиштето, како и пазарните аспекти.На огласот согласно дефинираните критериуми, неможат да учествуваат лицата кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина по претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, правните лица за кои е отворена стечајна постапка, како и непрофитните организации. Увид во податоците за земјоделско земјиште од овој јавен оглас, за секоја површина одделно може да се направи на огласната табла во подрачната единица во Министерството, надлежна за соодветната огласена површина.Оддалеченоста на местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на земјоделското земјиште кое се нуди на јавниот оглас, понудената годишна закупнина по хектар, правниот статус на понудувачот и видот на планираното производство ќе бидат дел од критериумите за избор на најповолен понудувачи од страна на Комисијата при Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство. Почетната цена по хектар во постапка по овој јавен оглас се утврдува во зависност од катастарската класа и местоположбата на земјиштето и таа изнесува 25 евра во денарска противредност за земјоделско земјиште од 1 до 4 катастарска класа и 15 евра во денарска противвредност за земјоделско земјиште од 5 до 8 катастарска класа. Почетната цена на земјоделското земјиште кое се наоѓа во планински подрачја, за земјиште од 1 до 4 катастарска класа изнесува 15, а за земјиште од 5 до 8 класа е 5 евра за хектар. Заинтересираните лица понудите можат да го поднесуваат во рок од 20 дена од денот на објавување на јавниот оглас во дневниот печат. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.