Економија
Инвестиција од 100 млн евра и 500 вработувања се очекуваат од турскиот концесионер на Тајмиште
Турската компанија „Ќурум холдинг“ е избрана за концесионер на Тајмиште, при што се најавува инвестиција од 100 милиони евра и 500 вработувања, соопшти во четвртокот на прес-конференција министерот за економија Ваљон Сараќини.
Сараќини рече дека одлуката за избор на најповолната понуда за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина, руди на железо на локалитетот „Тајмиште“ во западната општина Зајас, по јавниот повик од 8-ти јуни било утврдено дека најповолна е понудата на турската компанија „Ќурум холдинг“.
„Реално е во овој дел од државата да се очекуваат околу 100 милиони евра инвестиции за потребите на стартување со експлоатација и изградба на погон, односно фабрика за концентрирање и преработка на рудите на железо. Во почетокот на експлоатацијата би се очекувале околу 500 нови вработувања, што за овој регион ќе биде од големо значење. Исто така, би сакал да нагласам дека согласно Законот за минерални суровини, со кој е регулирана експлоатацијата на минералните суровини во Република Македонија, 78 отсто од надоместоците за концесии претставуваат приход на буџетот на општината на чија територија е доделена концесијата, односно во случајов на Општината Зајас, па и од тој аспект оваа инвестиција ќе придонесе во голема мерка за поуспешно функционирање на општината“, рече Сараќини.
Согласно условите во тендерот се очекува брзо отпочнување со изработката на рударската техничка документација, со цел регулирање на дозволата за експлоатација и создавање на услови со отпочнување со експлоатација на рудите на железо. Со Главниот рударски проект се очекува точно да се дефинира комплетниот процес од експлоатација на рудите на железо со кадар и опрема, како и нивната преработка.
Сараќини додаде дека реактивирањето на рудникот Тајмиште, кој до неговото затварање во 1992 година беше еден од најмодерните изградени рудници во Македонија, со современи пристапни патишта и изградена инфраструктура со сите сегменти, далновод со трафостаница, водовод за питка вода и водовод за индустриска вода, претставува симболичен крај на економската транзиција во Македонија.
„Посебно сум задоволен што успеавме по долга и напорна работа да најдеме стратешки партнер кој обемно ќе инвестира во активирање на рудникот и негов долгорочен и стабилен развој преку проширување на неговата активност, што ќе претставува позитивен имплус за развој на локалната економија, преку отварање на нови работни места во рудникот и фабриката, но и индиректно преку малите и средните претпријатија кои ќе бидат негови деловни партнери“, нагласи министерот за економија, Ваљон Сараќини.
Во рамките на ова наоѓалиште е рудник, односно површинскиот коп „Чаушица“ со утврдени резерви од 100 милиони тони железна руда, а според информациите од рудникот, овој површински коп со многу мала подготовка на објектите, ангажирање мобилна опрема, може да се активира и може брзо да почне да дава и ровна руда. Покрај ова, геолошкиот состав и структурно тектонските карактеристики укажуваат на голем потенцијал на поширокиот простор кој треба систематски да се истражува.
Од 1969 година до престанувањето со работа во 1992 година на овој најголем рудник на железна руда во Македонија, експлоатацијата на рудата ја вршеше претпријатието Рудник „Тајмиште“, кое работеше во составот на Рудници и Железарница Скопје и беше главен снабдувач на ткн ТТ – концентрат на железарницата./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.