Економија
Ставрески дециден: Денарот нема да девалвира
Нема ниту една причина, ниту некаков реален економски фактор за промена на курсот, изјави во понеделникот министерот за финансии Зоран Ставрески, нагласувајќи децидно дека денарот ќе остане стабилен.
Ставрески изјавата ја даде со намера да демантира одредени шпекулации, кои, како што рече, се појавиле деновиве на социјалните мрежи и на одредени портали за наводна промена на курсот на 75 денари за едно евро. „Како министер за финансии во име на владата сакам официјално да ги демантирам овие шпекулации“, изјави Ставрески оценувајќи дека се работи за една обична лага и груба невистина, којашто веројатно, според него, е смислена со цел да се внесе психоза и страв кај населението.Тој притоа им порача на граѓаните и на стопанските субјекти да не наседнуваат на ваквите лаги, да продолжат да веруваат во домашната валута и да штедат во денари, бидејќи каматната стапка е прилично повисока од каматната стапка на девизите.Како најголем гарант за стабилноста на денарот, Ставрески го посочи нивото на девизни резерви, коешто, според последните податоци на НБМ за јули, достигна највисоко историско ниво од 2,096 милијарди евра.„Исклучително високото ниво на девизните резерви е гарант за стабилност ана курсот, а покрај тоа постои и ниско ниво на буџетски дефицит, ниско ниво на задолженост на земјата, извонредна координација на фискалната и монетарната политика што заедно со стабилниот банкарски сектор дава сигурност дека и понатака ќе има стабилен девизен курс“, порача Ставрески. Истакнувајќи дека нивото на девизни резерви е за 820 милиони евра поголемо во споредба со јули 2006 година, Ставрески порача дека денарот ќе остане стабилен се додека ВМРО ДПМНЕ ја води економската политика на Македонија.Министерот за финансии изрази уверување дека стапката на инфлација до крајот на годината нема да надмине три отсто „Нашата проекција за инфлацијата оваа година беше дека ќе се движи меѓу 2,5 и 3,0 отсто. Засега е нешто пониска од тоа ниво. Но, со последните податоци, веројатно ќе се приближи до три проценти, што секако и натаму е ниска инфлација, која не предизвикува позначајни промени во однос на параметрите на економската политика“, рече Ставрески. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.