Економија
Иванов: Има потенцијал за уште посилна економска соработка меѓу Македонија и Турција
Претседателот Ѓорѓе Иванов во средата се обрати на свеченото отворање на Меѓународниот бизнис форум во Истанбул, на кој учествуваат над 1.000 бизнисмени и претставници на меѓународни институции од 85 земји во светот.
Централна тема на настанот е глобалната економска криза со посебен фокус на улогата на приватниот сектор, како и потребата од зајакнување на претприемништвото и изнаоѓање решенија за надминување на пречките во меѓународната трговија.
„Денеска не сум тука само поради тоа што во 2009 година се стекнав со почесен докторат на ТОББ Универзитетот. Денеска сум тука и поради пријателството кое го негуваат Република Македонија и Република Турција. Тука сум и поради улогата на Унијата на комори и стокови берзи на Турција – ТОББ за економскиот развој на оваа земја. ТОББ има цел да обезбеди единство и солидарност меѓу коморите и берзите. Подобрување на развојот на професиите, согласно потребите. Унапредување на искреност и доверба во односите на членови едни со други и со јавноста, како и зачувување професионална дисциплина и етика“, рече Иванов пред присутните.
Со овие цели, истакна шефот на македонската држава, ТОББ им овозможува на членовите подготвени да се соочуват со глобалните трендови.
„Светот денес се соочува со глобални економски, политички и безбедносни ризици и предизвици. Меѓународната економска соработка е единствена можност за зголемување на конкуренцијата на глобално ниво. Соработка која придонесува во јакнење на националната конкурентност за стопанството, за да може да се натпреварува во сложените економски услови во светот. Во таква реалност, особено сум задоволен што Република Македонија и Република Турција имаат традиционално добри односи кои позитивно влијаат на зајакнувањето на економската соработка меѓу двете земји. Знаејќи ги економските потенцијали на двете држави, ценам дека досегашната севкупна економска соработка го нема достигнато посакуваното ниво. За таа цел, двете земји вложуваат дополнителни напори на економски план за максимално користење на сите расположливи капацитети“, нагласи Иванов.
Претседателот истакна дека приватниот сектор и посебно претприемачкиот дух претставуваат движечка сила во глобалниот свет, сила која овозможува раст на економијата, придонесува за намалување на невработеноста и го трасира патот кон напредокот. Со нив, посочи, одржливиот и долгорочен економски раст и развој може да биде извесен.
„Ваквиот пристап овозможува да се изградат и подготват самоуверени лидери со јасна визија за иднината, способни да се соочат со конкуренцијата. Секако, потребна е храброст за преземање ризик, креативност и мотивација за постигнување успех. Силно верувам дека денешната средба ќе помогне во отворање нови хоризонти и идеи за соработка, како и конкретни резултати во интерес на развојот на бизнис-идеите и приватниот сектор“, рече претседателот Иванов.
ТОББ Универзитетот за економија и технологија е еден од најреномираните универзитети во Турција, кој во октомври 2009 година, на претседателот Иванов му ја додели титулата Почесен доктор на науки. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.