Економија
IFC ќе ја советува владата за модел на концесија на автопатот од Коридорот 8
Македонската влада потпиша договор со Меѓународната финансиска корпорација (IFC) за советодавни услуги во однос на реализацијата на предвидениот проект за изградба, одржување и наплата на патарини на патниот правец Скопје-Гостивар-Кичево, кој е дел од патниот Коридор 8 во Република Македонија.
Како што соопшти во саботата Министерството за транспорт и врски, целта на договорот е обезбедување на консултантски услуги и изработка на студии и анализи. Според договорот, IFC ќе има обврска на македонската Влада да и предложи модел за имплементација на проектот за концесија на патниот правец Скопје-Гостивар–Кичево и да биде трансакциски консултант на Владата на Република Македонија се до склучување на договор со потенцијалниот најповолен понудувач. IFC ќе биде задолжена да и’ асистира на Владата во структурирање на проектот и подготвување на транспарентен, фер и компетитивен процес за привлекување на приватен партнер за изведување на проектот по модел на јавно-приватно партнерство. Со договорот се предвидува во временска рамка од 14-24 месеци да бидат имплементирани две фази на овој проект, кој треба да заврши со избор на најповолен понудувач. За време на изведување на првата фаза од проектот, IFC ќе треба да ги разгледа и направи анализа на сите релевантни информации кои се однесуваат на концесијата на патиштата, да изготви техничко-сообраќајна анализа, детален финансиски модел, испитување на пазарот и изработка на препорачлива структура за имплементација. Доколку по оваа фаза бидат прифатени изготвените студии ќе се имплементира втора фаза од проектот во која од страна на IFC ќе се промовира моделот за концесија, ќе се асистира во фазата на претквалификација, изработка на тендерска документација, преговорите со претквалификуваните компании и во завршување на тендерската постапка со избор на најповолниот понудувач и склучување на договор, се вели во соопштението. Меѓународната финансиска корпорација (IFC), која е член на Светска банка, е најголемата глобална развојна институција, фокусирана исклучиво на приватниот сектор во земјите во развој и истата финансира и обезбедува советодавни услуги за кои се однесуваат на проекти основани на јавно-приватно партнерство, а преку својата советодавна активност им помага на владите да создадат услови кои го стимулираат вливањето на домашни и странски приватни инвестиции. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.