Економија
Кризата ќе се чувствува и наредната година, Македонија очекува умерен раст
Европската должничка криза ќе има влијание и врз македонската економија, која сепак се очекува да оствари умерен раст, иако сите сценарија се можни, особено поради неизвесноста во поглед со европската должничка криза.
Ова беше истакнато на дебатата на тема „Криза-2013-предизвици-решенија“, која се одржа за време на првиот БанкЕкспо, со учество на претставници на владата, НБМ, банките, осигурителните компании, коморите, компаниите и науката. „Дебати од ваков вид се за поздравување, со оглед дека живееме во едно време за кое што нема историја, нема напишани книги или теорија, која што може да го објасни сето ова што се случува и секако решенијата што треба да ги бараме се оригинали, поради што и предизвикот за сите нас е поголем“, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.Наведувајќи дека ниту тој, ниту било кој во влада ги знае одговорите на сите прашања во едно вакво време, Ставрески сепак прогнозираше дека Македонија во наредната година ќе оствари умерена стапка на раст, која ќе биде меѓу највисоките во регионот, но под стапките што Македонија ги имаше пред кризата.Во врска со дилемата што ја наметна претседателот на Здружението за банкарство, Ѓорѓи Јанчевски дали од кризата треба да се излезе преку зголемена потрошувачка или штедење, Ставрески рече дека, ставот на Владата е дека има потреба преку фискален стимул одмерено да се поддржи економската активност во следните две или три години на криза без притоа да се наруши долгорочната стабилност на јавните финансии.Еден од учесниците во дебатата го запраша Ставрески дали се подготвува буџет и за евентуални песимистички сценарија, министерот за финансии рече дека македонската влада како и другите во Европа е пред предизвикот да работи со повеќекратни сценарија. „Во сите сценарија е заедничко дека Македонија нема да оствари полош резултат од она што се случува во Европа, ќе оствари подобар резултат. Во делот на буџетот и јавните финансии, состојбите ќе бидат исто така подобри во однос на другите земји“, рече Ставрески. Тој пред присутните банкари и стопанственици вети дека владата и во наредната година ќе продолжи да финансира изградба на капитални проекти.Гувернерот Димитар Богов оцени дека ни претстојат многу предизвици кои зависат од случувањата во Европска унија, особено во еврозоната.„Идната година ќе биде тешка. Сепак, очекуваме заживување, но не од Европската унија. Имаме повеќе странски инвестиции кои веќе почнуваат со производство кое ќе има ефекти. Државата почна и два големи инфраструктурни проекта кои позитивно ќе се одразат врз економскиот раст“, изјави Богов. Оценувајќи дека во Македонија постојат премногу банки, Богов укажа на потребата за нивна консолидација.„Во Македонија сега има 17 банки, а наскоро ќе станат 16 со спојувањето на две банки. Го охрабруваме ваквиот процес, од кој само можеме да добиеме на квалитет. Ни требаат повеќе силни банки, за да се зголеми конкуренцијата. Малите немаат таква моќ, да дејствуваат на пазарот, да ја зголемат понудата на банкарски производи“, порача Богов.Претседател на Здружението на банкарство Ѓорѓи Јанчевски, кој ја водеше дебата, рече дека домашниот пазар е мал и сеуште нема доволна потрошувачка моќ да ги замени негативните флуктуации во надворешната побарувачка.„Тоа значи дека сите кои работиме тука сме неизбежно упатени едни на други. Проблемите кај компаниите лесно може да се прелеат кај банките, кај вработените и домаќинствата и конечно кај државата“, рече меѓудругото Јанчевски. „Економската политика, со ниски даноци и камати во моментот е поставена така што заинтересира многу странски инвеститори да влезат во Република Македонија и секако дека во наредниот период ќе дадат позитивен ефект. Но не секој може да се осмели да започне нова инвестиција особено ако наплатата на побарувањата оди отежнато. Повеќето пласмани кои ги одобруваат банките се наменети за покривање на тековната ликвидност на компаниите, а постоечките се реструктуираат“, изјави првиот човек на НЛБ Тутунска банка .Дел од стопанствениците апелираа во државата поголемо внимание да се посвети на ликвидноста на стопанството, која претставува голем проблем, додека ликвидноста на банкарскиот сектор е на високо ниво. Други се пожалија на бавните бирократски процедури, кои ги попречуваат инвестициите во рударскиот сектор./крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.