Економија
Промовирани три софтвери за подобрување на домашната економија
Промовирани се трите софтверски решенија, изработени со помoш на проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот – IDEAS, а во соработка со Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот
Се работи за веб порталите: КонкурентностМК, ажурираниот портал на единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР и порталот за промоција на извозот, чија примарна цел е обезбедување на полесен пристап до информации за бизнис секторот.
„Порталот www.konkurentnost.mk е хостиран од страна на Министерство за економија и треба да овозможи подобар пристап до информациите за претставниците на бизнис секторот за сите расположливи мерки, за подршката на Владата на Република Македонија за подобрување на конкурентноста, бидејќи истите ќе бидат организирани на едно место“, изјави министерот за економија Ваљон Сараќини.
Според него, информациите на овој портал се однесуваат на имплементација на индустриската политика 2009-2020, како што се програмите, јавните повици за распределба на средства, објаснување за процесот на аплицирање, извештаи за дистрибуција на средствата и сл. Според Сараќини, овој портал се очекува значително да ја подобри транспарентноста и ефикасноста на целокупната имплементација на индустриската политика .
Министерството за информатичко општество и администрација го хостира порталот www.ener.gov.mk со цел, на единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) да се зголеми вклучување на приватниот и невладиниот сектор во процесот на креирање на економските политики и законодавството, кои влијаат на развојот на бизнисот во Македонија.
„ЕНЕР-от претставува електронски систем, кој покрај постојните прописи во Република Македонија ги содржи и предлог законите на министерствата во фаза на нивна подготовка. Станува збор за алатка наменета за електронско информирање на граѓаните на РМ, претставниците од невладините организации, стопанските комори, бизнис асоцијациите и правните лица, претставниците на владата, како и на одделните министерства во врска со постојните прописи и предлог законите на министерствата во фаза на подготовка“, информираше министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
Од порталот http://investinmacedonia.com, компаниите редовно ќе добиваат информации поврзани со извозните активностите на Агенцијата, информации за позитивните практики од имплементираните извозни активности на пооделни држави.
„Основната функција на порталот е да претставува примарно промотивно средство за македонските компании, кое овозможува бесплатно креирање на профил на секоја од компаниите и каде што секоја заинтересирана компанија за извоз ќе може да ги внесе основните податоци и параметри поврзани со нејзиното работење и производите, односно услугите кои сака и има потенцијал да ги извезува“, рече директорот на Агенцијата за директни инвестиции и промоција на извозот Висар Фида.
„Со овие решенија од информатичката технологија и’ помагаме на Владата на Република Македонија во поддршката на бизнис заедницата преку различни програми и мерки за развој на конкурентноста“, изјави американскиот амбасадор Пол Волерс, додавајќи дека со користење на овие софтверски решенија, македонските компании ќе бидат во можност да воспостават деловни контакти, а на електронски начин да се поврзат со потенцијални клиенти од странство.
Компаниите ќе бидат во можност да учествуваат во креирање на законите преку партнерство со граѓанскиот сектор./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.