Економија
Македонија ќе биде вклучена во `Јужен тек` како крак
Македонија ќе биде вклучена во Јужен тек, но како крак, а не како транзит земја, потврди во вторник министерот за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески.
„Ние добивме од руската Влада предлог договор за да потпишеме меѓудржавен договор меѓу Русија и Македонија и тоа е најголемата потврда дали Русија планира да ја вклучи Македонија во Јужен тек. Ние дадовме одговор со наши предлози во однос на делови од тој договор. Штом на руска страна биде завршен и финализиран ќе биде предложен за конечно потпишување“, рече Ставрески, прашан зошто Македонија ја нема на мапата на Јужен тек, ни со испрекинати линии.
Според него, влезот на Јужен тек во Македонија е голем успех за земјата, која за идните генерации ќе донесе стабилност во испораката на гас за стопанството, како и на цената на гасот што ќе се плажа во иднина.
„Како што покажуваат анализите на `Газпром` Македонија ќе биде приклучена со крак и некои други земји на идентичен начин ќе бидат приклучени, што значи дека потоа треба да се определи кој е економски најисплатлив начин, тој крак да се изведе“, рече Ставрески.
Појасни дека експертите треба да одлучат дали е најисплатливо да биде паралелен на постоечкиот гасоводен систем, или да се искористи постоечкиот и да се прошири капацитетот преку Бугарија, или тоа да се направи преку Србија за да се обезбеди од друга страна дополнителен влез на гас во Македонија.
„Кога се гради гасовод, се гради за следните 50 години, не се гради за актуелната состојба. Во тие разговори со Газпром ние дадовме податоци за тоа кои се потенцијалните капацитети и стопански и енергетски капацитети и енергетски проекти кои ќе се градат во следниот период, со цел да се направи проценка колкава е потребната количина на гас во Македонија и во тој дел влегуваат и нови енергетски капацитети, но и приклучувањето на стопанството и граѓаните преку дистрибутивната мрежа“, рече Ставрески.
За тоа зошто Македонија не е транзит земја, Ставрески рече дека тоа е прашање за кое одлучуваат инвеститорите, односно Газпром.
„Тие го конципираат коридорот врз основа на најекономичното решение за нив за да се однесе гасот до Европа. Тоа што го избрале како решение е нивно, на кое ние не можеме да влијаеме. Тоа што можевме да го направиме беше сè за Македонија да не биде надвор од овој значаен транспортен коридор на гас и тоа го направивме успешно“, рече Ставрески.
Нашиот северен сосед Србија доби статус на транзит земја за гасоводот Јужен тек и очекува од тоа годишно да заработува 200 милиони евра и да вработи околу 2.000 луѓе./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.