Економија
Заврши самитот на ЕУ: Подлабоките реформи оставени за подоцна
Лидерите на Европската унија(ЕУ) во петок го завршија дводневниот самит во Брисел на кој ветија дека ќе продолжат со продлабочувањето на интеграциите во еврозоната, но конкретни одлуки по тоа прашање се оставени за подоцна.
Пред почетокот на самитот, ноќта меѓу среда и четврток, министрите за финансии на 27 земји членки, постигнаа историски договор за воспоставување на единствен надзор над банките во еврозоната, што е прв чекор во воспоставувањето на банкарска унија.
Единствениот надзорен механизам е предуслов за директна докапитализација на банките од Европскиот стабилизациски механизам(ЕСМ), траен фонд за спасување на членките на еврозоната. Директната докапитализација на банките од ЕСМ би овозможила прекин на папочната врска меѓу банките и државата, односно меѓу кризата на банките и должничката криза во државите, кои заради зачувување на финансискиот систем биле принудени да ги спасуваат банките, што одеше на товар на даночните обврзници и предизвика голем раст на јавните долгови.
Во фокусот на тој успех, се очекуваше лидерите да продолжат со амбициозни реформи во структурата на еврозоната, но засега тоа е одложено за периодот по парламентарните избори во Германија во есен 2013 година и по изборите за Европскиот парламент, што ќе се одржат во мај 2014 година.
Ова е шести и последен самит на ЕУ оваа година и беше замислен како самит на кој лидерите требаше да договорат генерален ремонт на Економската монетарна унија(ЕМУ), за да се отстранат недостатоците што должничката криза ги исфрли на површина.
На барање на шефовите на држави или влади на земјите членки, претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј заедно со останатите челници на европските институции подготви извештај, во кој се изнесени два големи реформски предлози. Првиот предлог е земјите членки да потпишат билатерални договори со европските институции за спроведување на структурните реформи, а вториот е создавање на фискален капацитет на еврозоната.
Склучувањето на договорните аранжмани меѓу земјите членки и европските институции за спроведување на структурните реформи, а за возврат земјите би добиле сакана финансиска поддршка, според предлогот на Ван Ромпуј би требало да профункционира до крајот на 2014 година, а фискалниот капацитет, еден вид зачетник на посебниот буџет на еврозоната, по 2014 година.
Но, во заклучоците од самитот останаа „договорните аранжмани“, а изоставен е фискалниот капацитет и наместо него се споменува „механизмот на солидарност“ од кој би се поддржувале реформите во земјите членки. Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека тој фонд на солидарноста нема да биде многу голем, „можеби 10,15 или 20 милијарди евра“.
Ван Ромпуј предложи фискалниот капацитет да има две функции – поттикнување на структурните реформи и подобрување на отпорноста на асиметрични шокови. Ван Ромпуј наведува дека фискалниот капацитет би можел да биде основен темел за издавање на заеднички обврзници, а притоа да не стане заеднички долг.
Но од заклучоците е исфрлен фондот за апсорбирање на шокови, кој го поддржуваат Франција и јужните членки на ЕУ. Исто е исфрлено барањето на италијанскиот премиер Марио Монти задолжувањата за финансирање на јавните инвестиции да не се смета како дефицит.
Францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Меркел се разликуваат во оценките за актуелниот момент на ЕУ.
„Европа излезе од периодот во кој беше под знак прашалник нејзината иднина и судбина“, рече по самитот Оланд, додека Меркел рече дека пред Унијата е тежок период во кој „не смее да се запре со реформите“.
Следната година челниците на ЕУ би требало да го договорат механизмот за санација на банките и заедничкиот систем за штедни депозити, што се следни чекори во воспоставувањето на банкарска унија. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.