Економија
Се намалуваат и се укинуваат царини на повеќе производи
Од вторник, првиот ден од новата година, царинските стапки за репроматеријали за резервни автомобилски делови, полиетиленски фолии, алатни машини, железнички товарни вагони и автобуси, се укинуваат или се намалуваат.
Укинувањето на царинските стапки за овие стоки е со цел подобрување на условите за стопанисување на домашните производители, развој на индустријата и поголем извоз на странските пазари.
Така, се укинува стапката од 15 отсто за облоги и плочки за кочници, фрикциски производи и други делови од нетемперирано леано железо, затоа што во Македонија работат индустриски капацитети кои произведуваат автомобилски делови, како поддоговарачи на големите автомобилски компании, а кои се извозно ориентирани.
Во металопеработувачката индустрија за повеќе од 105 производи, пред се алатни машини, се намалуваат стапките кои до сега изнесуваа 5 отсто и повеќе.
Со ова директно ќе им се помогне на компаниите што се занимаваат со производство на предмети од метали и на целокупната металопреработувачка индустрија, но и за малите бизниси кои во голем дел се занимаваат со производство на предмети од метали.
Исто така, се намалуваат царините и за транспортниот сектор со цел обнова на возниот парк и намалување на трошоците на транспортните компании.
Според тоа, царините за автобусите и минибусите од прва категорија се намалуваат од 10 на пет отсто, додека царините за автобусите и минибусите од втора категорија се намалуваат од 15 на пет отсто. Царините за вагоните и цистерните, пак, кои досега изнесуваа четири отсто, сега потполно се укинуваат.
Целосно се укинува и стапката од шест отсто за фолии од полиетилен, што делумно се употребуваат во прехранбената индустрија и во графичката индустрија кај копир апаратите.
Преку значително намалување и укинување на царинските стапки, Владата директно ќе им помогне на пет-шест сектори што се значајни за македонската индустрија и кои во вакви околности кога се соочуваат со предизвиците на европската и светската економска криза и очекуваат поддршка од Владата.
Фискалните импликации од намалувањата изнесуваат околу 30 милиони денари на годишно ниво и тие се антиципирани во проекциите за Буџетот за наредната година.
Намалувањата на царинските стапки се мерки на Владата донесени во соработка со бизнис заедницата и нејзините потреби.
Владата на Република Македонија секоја година ја усогласува царинската тарифа за наредната година согласно обврските кон Светската трговска организација и Европската унија. Усогласувањето на царинската тарифа, согласно обврските од Протоколот за пристапување на Република Македонија кон Светската трговска организација во транзицискиот период од 2003 до 2012 година е завршено.
Со Царинската тарифа за 2012 година сите царински стапки се усогласени со конечните обврзувачки стапки од Протоколот. /крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.