Економија
Презентиран проектот AGRO-START”
Федерација на фармерите на РМ во четврток во Скопје организира презентација на проектот „Транснационална мрежа за поддршка на мали и средни претпријатија од областа на сточарството и растително производство – AGRO-START”.
Проектот е финансиран од Европската Унија, од под програмата Транснационална соработка во ЈугоисточнаЕвропа и ќе трае две години.
ФФРМ е дел од проектот кој ќе се спроведува во седум земји (Романија, Бугарија, Грција, Италија, Словенија, Македонија, Албанија) од страна на 12 организации.
Целта на проектот е да се зголеми конкурентноста на МСП и да се промовира и имплементира иновативно претприемништво преку одговарање на потребите за специфична поддршка на МСП од областа на растителното производство и одгледување на животни со транснационален пристап.
Презентацијата имаше за цел да го промовира AGRO-START проектот меѓу целните групи, да ги претстави партнерите, трендовите и проблемите на претприемачите во растителното производство и одгледување на животни од земјите учеснички.
На презентацијата учествуваа повеќе од 50 учесници од следниве институции и организации: претставници на Министерството за земјоделство и рурален развој на РМ, стопански комори, владини и невладини институции, претставници на малите и средните претпријатија од областа на растително производство и сточарството, земјоделци .
„Малите и средни претпријатија од областа на сточарството и растително производство од регионот имаат заеднички проблеми и предизвици во одржување на нивната конкурентност на националниот и на европскиот пазар. Пред сè тоа е мала употреба на иновации, технологии, механизација, образование, недоволно вклучување на младите во земјоделството, директно влијание на економската криза, проблеми при производство на конкурентни производи за националниот, регионалниот и Европскиот пазар. Токму поради овие причини Федерацијата на фармерите на РМ се вклучи во самиот проект во креирање на услуги кои ќе помогнат во подобрување и развој на претприемаштвото во сточарството и растителното производство, а со тоа и самата Република Македонија ќе има бенифит во претпиемаштвото и земјоделството”, вели Андрија Секуловски, претседател на ФФРМ.
„За градинарствто е многу значајно развој на услуги кои ќе ни помогнат за подобро производство и поголема конкурентност на пазарите. Нас ни фали образование, совети и сметам дека со овој проект ќе се помогне за развој”, вели Љубица Џониќ, градинар и член на УО.
Марија Ѓошева Ковачевиќ, аналитичар во ФФРМ во својата презентација истакна дека четири проценти од вкупниот број на компании се со земјоделска дејност и услуги (2900 компании) од кои најголем број се микро претпријатија и повеќе од 90 %, а најмал број се големите претпријатија со учество 1,1 % од вкупниот број на претпријатија во РМ.
Преку проектот ќе се развие Сервисен Протокол за југоисточна Европа (ЈИЕ) насочен кон организациите кои нудат бизнис поддршка со цел да се подобри обезбедувањето на сервиси за поддршка и иновации на МСП и да им се помогне на МСП подобро да ги искористат можностите за развој во ЈИЕ.
Исто така, ЈИЕ Протоколот ќе даде насоки како најдобро да се воспостави и промовира иновативна претприемачка средина за МСП во областа на растително производство и одгледување на животни. При проектот ќе се креира база на податоци за добавувачи на услуги, ќе се организираат два е-предавања, и ќе се воспостави Виртуелен ЈИЕ Саем.
Во проектот од различни земји се вклучени професори, експерти, земјоделски инженери, претставници на бизнис поддржувачи на МСП кои работат во наведените области кои ќе работат на продукти значајни за развојот на МСП во областа на растително производство и одгледување на животни. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.