Економија
Македонија 2025: Студентска посета на Технолошко индустриско развојните зони и Џонсон Мети
Македонија 2025 организираше студентска посета на Технолошко индустриско развојните зони и Џонсон Мети.
Овие студентски посети се дел од „Мотивирање на иднината”, образовна програма на Македонија 2025 чија главна цел е да ги запознае студентите со некои од најуспешните компании во Македонија, нивните активности, основните вредности кои тие ги бараат од своите вработени и презентација на можностите за идно вработување во овие компании.
Во оваа посета, која беше реализирана на 4 април, во согласност со бизнис профилите на компанијата Џонсон Мети и Дирекцијата за Технолошко индустриско развојни зони, Македонија 2025 покани студенти од следните факултети: Економски, Машински, Природно-математички, Филолошки и Унивезитетот Американ Колеџ Скопје.
Тимовите на Дирекцијата и на Џонсон Мети беа исклучително гостопримливи и на најдобар можен начин се обидоа на студентите да им ги пренесат своите клучни пораки и информации.
Студентите најпрво се сретнаа со Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ, кој им говореше за својот кариерен пат осврнувајќи се на клучот за успех: висококвалитетно образование и континуирано учење од најдобрите.
Мизо е прв (од вкупно двајца) Македонци кои се имаат стекнато со МБА диплома од Харвард Школата за Бизнис. Понатаму во своето излагање, на студентите со својата презентација им ги престави развојните зони во Македонија и бизнис концептот со кој зоните во Македонија работат на привлекување странски директни инвестиции. Тој истакна со гордост дека според FDI Magazine македонските зони се рангирани во топ 50 слободни зони на иднината во светот а според FDI Intelligence една од инвестициите во македонските зони, Дрекселмаер во Кавадарци е прогласена за најдобар производствен капацитет во светот. Мизо ги советуваше студентите да учат вредно и посветено и континуирано да ги надградуваат своите знаења и вештини.
Посетата продолжи во компанијата Џонсон Мети, една од најголемите странски директни инвестиции во Македонија. Компанијата ја претстави Генералниот менаџер, Џатин Такрар со презентација на главните активности и производите кои се изработуваат во Македонија.
Горд на успехот на Џонсон Мети во Македонија, тој истакна дека оваа фабрика за период од три години се рангира меѓу најдобрите три фабрики во рамките на групацијата. Овој успех Такрар го припишува на многу фактори: квалитетни производи, навремена испорака, но пред сè и на енергичната работна сила способна за брзо учење и адаптирање на различни ситуации.
Тој имаше неколку важни пораки до студентите: голема важност на обуката, менторството и делегирањето одговорности кон вработените; постојано да покажуваат интерес и бестрашност во искористувањето на можностите; да работат со страст, да бидат посветени и ангажирани.
И Мизо и Такрар со своите говори на студентите им пренесоа дел од своите успеси и ги инспирираа да го планираат својот иден професионален развој. Студентите од оваа посета си заминаа побогати за важни искуства и ентузијазам за својата иднина. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.