Економија
Сараќини се сретна со шефот на Мисијата на ММФ
Министерот за економија Ваљон Сараќини оствари средба со шефот на Мисијата на ММФ Ивана Влаткова Холар, чија цел беше запознавање со политиките и мерките за унапредување на конкурентноста на бизнис субјектите.
Станало збор и за инфраструктурните проекти, со акцент на енергетиката, развојот на туризмот и останатите области дадени во стратегијата за економски развој.
Економската состојба во земјава и нејзината условеност од случувањата во ЕУ беа претставени од страна на министерот за економија, при што беше изразено задоволство до страна на претставниците на Мисијата на ММФ од аспект на спроведената фискална и монетарна политика, како и мерките превземени во насока на поддршка на македонското стопанство во услови на криза.
Претставниците на ММФ ја истакнаа потребата од одржување на макроекономска стабилност, одржување на стапката на инфлација во проектираната рамка и понатамошно намалување на стапката на невработеност.
„Иако 2013 година ќе биде исполнета со бројни закани и ризици, клучни фактори за оптимизам се одржување на едно добро ниво на залихите на репроматеријали со тенденција за растење, стабилно снабдување со електрична енергија, очекувана зголемена побарувачка на готови производи на домашниот и странскиот пазар, постепено закрепнување на глобалната економија и владините заложби за привлекување на странски директни инвестиции и промоција на македонските производи”, истакна Сараќини.
Министерот за економија стави акцент на кредитите достапни за малите и средните претпријатија со субвенционирана камата, реформите за создавање на поволна бизнис клима и привлекување на инвестиции, меѓу кои и измените на Законот за минерални суровини, кои придонесоа за скратување и поедноставување на постапките за добивање на концесија, со што се овозможи влез на странски инвестиции во рударскиот сектор.
Во делот на енергетиката министерот Сараќини ги претстави капиталните енергетски проекти во рамки на Стратегијата за енергетика, фидинг тарифите за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и претстојната либерализација на пазарот која за 140 компании ќе стартува на 1 јули годинава, со што ќе се стекнат со стаус на повластен производител.
„Во туризмот бележиме пораст, а според склучените договори со турооператорите, благодарение на владините субвенции, Македонија ќе ја посетат минимум 80.000 туристи само од Европа”, рече Сараќини, најавувајќи ги и новите структурни реформи кои ќе ги донесе Законот за стечај, согласно кој, пред да се отвори стечајна постапка, доколку се увиди дека финансиската состојба на една фирма води кон стечај, менаџерот е неопходно да достави план за реорганизација на фирмата.
Со ова законско решение ќе се овозможи заживување на компаниите со проблеми и намалување на бројот на стечајни постапки.
„Биди перспективен – започни свој бизнис” и ‘Конкурентност МК’ се проекти кои наидоаа на задоволство во делот на поддршка на бизнис заедницата и поддршка на развојот на малите и средните претпријатија.
Претставниците на Мисијата на ММФ покажаа интерес во однос на можностите за инвестирање и третманот пред институциите на големите компании, од една страна и малите и средни претпријатија, од друга, на што Сараќини информираше дека Владата на Република Македонија одржува редовни средби поединечно со сите три комори во државата, а неколку пати годишно и заеднички средби со членките на коморите, од каде произлегуваат бројни предлози за мерки и активности кои го наоѓаат своето место во активните програми и политики на институциите. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.