Економија
Промовирани софтвери за полесен пристап до информации за бизнисмените
Трите софтверски решенија чија примарна цел е обезбедување на полесен пристап до информации за бизнис секторот промовирани се во четврокот на Факултетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Софтверските решенија се изработени со помoш на проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот – IDEAS, а во соработка со Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.Станува збор за веб порталите: Конкурентност.МК, ажурираниот портал на единствениот национален електрoнски регистар на прописи – ЕНЕР и порталот за промоција на извозот, чија примарна цел е обезбедување на полесен пристап до информации за бизнис секторот. Министeрот за економија Ваљон Сараќини информираше дека порталот www.konkurentnost.mk е хостиран од страна на Министерство за економија и треба да овозможи подобар пристап до информациите за претставниците на бизнис секторот за сите расположливи мерки, за поддршката на Владата на Република Македонија за подобрување на конкурентноста, бидејќи истите се организирани на едно место.Информациите на овој портал се однесуваат на имплементација на индустриската политика 2009-2020, како што се програмите, јавните повици за распределба на средства, објаснувањата за процесот на аплицирање, извештаите за дистрибуција на средствата и сл. Според Сараќини, овој портал се очекува значително да ја подобри транспарентноста и ефикасноста на целокупната имплементација на индустриската политика.„Заедно со УСАИД решивме да го олесниме патот до буџетските, но и средствата од донаторските проекти и европските програми, наменети за фирмите во Македонија. Негувајќи го и продлабочувајќи го партнерскиот однос со бизнис заедницата, се иницираше креирање на активна веб страна, каде во секој момент на едно место ќе бидат достапни ажурирани информации за актуелните мерки кои нудат поддршка и кофинансирање за македонските фирми и го создадовме порталот Конкурентност.мк“, информираше Сараќини.Министерството за економија, со цел да и’ овозможи на бизнис заедницата лесно и прегледно следење на мерките и активно учество за користење на поддршката, од оваа година спои три досега различни програми во една интегрирана – Програма за конкурентност, иновации и претприемништво.„Се надевам дека бизнис заедницата во нашите напори и активности ќе препознае вистински партнер за соработка и поддршка во процесот на економски развој и зголемување на конкурентноста, по што очекуваме нивно активно вклучување и поднесување апликации за активностите креирани во соработка со нив. Нашата визија е во иднина овој портал да биде уште побогат, да претставува вистински извор на информации актуелни и неопходни за бизнис заедницата, да обезбеди ефикасен дијалог и да овозможи електронско аплицирање, што ќе придонесе за создавање поконкурентни фирми, како и поконкурентни сектори и економија, во целост“, истакна министерот.Претставникот на Националниот совет за претприемништво и конкурентност (НСПК), кој патем беше организатор на настанот, Горан Лазаревски, изјави дека во НСПК членуваат 18 комори и бизнис здруженија, буквално целиот бизнис сектор, а Владата не е член, туку близок партнер и соработник, потенцирајќи дека во создавањето на овие портали тргнале од потребите и барањата на бизнис заедницата.„При дефинирањето на потребите на бизнис заедницата појдовме од три клучни проблеми за кои најчесто добивавме предлози, а тоа се: дека бизнисмените не се доволно вклучени во создавање на економските политики, дека немаат доволни информации за програмите и мерките на Владата и, трето, дека пристапот на странските пазари е многу скап за нив и не се во можност да се приклучат кон тие пазари“, истакна Лазаревски. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.