Економија
На економски форум во Сао Паоло претставени можностите на Македонија
Пред повеќе бразилски бизнисмени од областа на енергетиката, земјоделството, медицината, владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, ги презентираше можностите на Македонија за инвестирање на бизнис форум во организација на Стопанската комора на Сао Паоло.
Пред почетокот на бизнис форумот, премиерот Груевски оствари средба со раководниот менаџмент на Стопанската комора на Сао Паоло, која што беше и организатор на бизнис форумот на кој присуствуваа претставници на компании од областа на инфраструктурата, енергетиката, земјоделството, медицината и други дејности.
Премиерот Груевски рече дека Македонија со поволностите кои ги нуди на странските инвеститори може да преставува соодветна дестинација за бразилските компании кои имаат намера да реализираат бизниси на пазарот на Европа.
„Иако сме земја со два милиони жители, ние го имаме надминато хендикепот на мал пазар, затоа што имаме потпишано договори за слободна трговија со сите земји од континентот Европа, и со Турција и со Украина, што значи дека производите кои ќе се произведат во нашата земја, и од домашните, но и од странските компании можат да се продаваат на европските пазари без никаква царина или дополнителни трошоци, што може да претставува сериозна можност за бразилските компании”, додаде премиерот Груевски.
Тој се осврна и на предноста од постоење на квалификувана работна сила која постои во нашата земја, а со инвестициите во образованието, создаваме работна сила која има соодветни квалификации, која во склоп со постоечката работна сила која е добро образована и има соодветни знаења и вештини, може да претставува извор на продуктивност и ефективност на компаниите кои ќе отворат бизнис во Македонија и кои ќе вработат лица од нашата земја, смета премиерот Груевски.
Жоао Гилерме Сабино Омето, потпретседателот на Стопанската комора на Сао Паоло, која е најмоќна стопанска комора во Бразил, во своето обраќање изјави дека предностите кои ги нуди Македонија се позитивни и значајни и треба добро да бидат разгледани од бразилските компании, и дека тие како комора ќе лобираат кај нивните членки да ги проучат можностите кои им се нудат и да се осврнат на развој на бразилско – македонските односи.
Според него, ваквиот тип посети и презентации даваат можност за изворно запознавање со поволностите, а присуството на високи политички претставници дава охрабрување за деловните потфати.
Вицепремиерот Зоран Ставрески се осврна на даночните поволности кои постојат во нашата земја.
„Имаме најниски даноци во Европа, персоналниот данок од доход е 10 отсто и е рамен данок, данокот на добивка е 10 отсто и тоа само за оние компании кои ќе ја распределат добивката во дивиденда, оние кои ќе ја акумулираат не плаќаат данок на добивка. Имаме политика на ниски даноци и на намалување на придонесите со што се намалуваат трошоците за водење бизнис на компаниите и се зголемуваат шансите за профити”, рече Ставрески.
Министерот Веле Самак презентираше повеќе конкретни проекти во кои може да се инвестира и тоа од областа на автомобилската индустрија и информатичката технологија, во туризмот, енергетиката и медицинските технологии.
Директорот Висар Фида ги презентираше поволностите кои ги нудат технолошко-индустриските развојни зони, и сервисната ориентација на Агенцијата кон странските инвеститори, но и за потенцијалните инвеститори кои сакаат да остварат посета на нашата земја и изворно и на терен да се запознаат со предностите и фактите, на кои Агенцијата им овозможува целокупна логистика за анализа и истражувања во земјата./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.