Економија
Отворен третиот Меѓународен саем за туризам „Скопје травел маркет 2013"
„Скопје травел маркет 2013″ е вистинско место за промоција на атрактивни дестинации за патување, но уште повеќе и место за средби на туроператори, туристички агенции од регионот и пошироко, сопственици на туристички објекти, стручни и професионални туристички организации и здруженија, потенцијални инвеститори во туристичката индустрија, туристичко-угостителски комори”, порача министерот за економија Ваљон Сараќини, на отворањето на третиот Меѓународен саем за туризам.
„Скопје травел маркет 2013″, ќе се одржи во периодот од 25 до 27 април 2013 година.
„Со оглед на фактот што туризмот го препознаваме како значајна стопанска гранка со суштинска улога во економскиот развој, преку кој може да се привлечат нови инвестиции, да се отворат нови работни места, јас би посакал овој саем максимално да го искористат сите учесници за склучување на нови договори, засилена соработка и повеќестрани придобивки од развој на туристичкиот сектор, особено земајќи ги предвид субвенциите што ги дава Владата за развој на овој сектор”, рече Сараќини.
Притоа, тој потсети дека Владата годинава го зголеми буџетот за субвенционирање на организираниот странски промет и тој за 2013 година изнесува 60.000.000 денари, но и кај субвенциите за нискобуџетни летови има зголемување, со обезбедени средства од 86.000.000 денари за годинава, а дури 135.000.000 денари за 2014 година.
Министерот Сараќини изрази задоволство од зголемувањето на бројот на туристи и посетители од соседните држави и од регионот, како и од европските земји, при што бележиме постојан пораст на туристи од Холандија, Финска и Полска, а веќе во петок е најавен првиот чартер лет со холандски туристи во Македонија.
„Иако сезоната во Македонија почнува подоцна, веќе е зголемен бројот на туристите во февруари 2013, во однос на февруари 2012 година, за 8,7 отсто, а бројот на ноќевања е зголемен за 10,3 отсто”, информираше министерот.
Со цел да понуди поголеми атракции, поинтересни дестинации за летувања, места за релаксација и рекреативни активности, туристичката индустрија станува сè посвесна за улогата на своето претставување на саемот за туризам – Скопје травел маркет, како најдобра бизнис практика за лансирање и промовирање на туристичките дестинации пред клиентите и купувачите, како основна стратешка и конкурентна предност.
„Затоа и верувам дека Скопје травел маркет 2013 ќе придонесе за многу нови деловни приказни, нови и се’ побројни групи на странски туристи, со што ќе ја оствариме нашата крајна цел – до 2020 година учеството на туризмот во БДП да биде 5 отсто. Секако, со тоа ќе оствариме најдобра промоција на природните и културните знаменитости на Република Македонија, заедно со македонското вино и ракотворбите, кои на мое задоволство ги има и на овој саем”, истакна министерот Ваљон Сараќини.
Претседателот на управата на Групацијата Ера, Гвидо Омладич, ги поздрави изложувачите, претставниците на стопанските комори и бизнис заедницата и им порача: „Користа од патувањето е фантазијата да се прилагоди кон реалноста, па наместо да размислуваме како изгледаат нештата, подобро е да ги видиме такви какви што се, со надеж дека туристичките презентации пред посетителите уште повеќе ќе ги зајакнат успесите и бизнисите”.
Инаку, на Меѓународниот саем за туризам Скопје травел маркет поблиски и далечни дестинации ќе претстават учесниците од нашата земја, како и од Србија, Турција, Црна Гора, Унгарија, Албанија, Грција, Северен Кипар, Италија. Меѓу изложувачите присутно ќе биде и Здружението на хотели, ресторани и кафетерии – ХОТАМ преку кое ќе се претстават 12 хотели, бањи и агенции од Македонија, Занаетчиската комора на Скопје кои ќе изложуваат карактеристични ракотворби и сувенири како и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, која ќе има свој изложбен простор на саемот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.