Економија
Груевски се сретна со синот на најбогатиот човек, покажал интерес за инвестиции во ИКТ
Премиерот Никола Груевски се сретна со синот на Карлос Слим, најбогатиот човек во светот, Карлос Слим Јуниор кој е извршен директор на бизнис групацијата Карлос Слим.
Карлос Слим Јуниор покажал сериозен интерес за опциите и можностите за инвестиции во нашата земја во областа на информатичко-комунакциските технологии, за што посочи дека неговата бизнис групација веќе ги интензивира, активно ги анализира и продлабочено ги разгледува конкретните детали кои би воделе кон реализација на инвестиција.
Тој ја изразил подготвеноста за идно преминување на нивните одлуки во однос на инвестициите во Македонија во многу понапредни фази. Беше покажан и интерес за разгледување на поволностите за инвестиции и во други економски сектори.
Премиерот Груевски се заблагодарил за целокупната логистичка поддршка која ја овозможува групацијата на Карлос Слим за промоција на македонските економски и општествени интереси.
Премиерот ги претставил реформите кои се спроведуваат во нашата земја, како и поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори притоа посебно истакнувајќи ги областите и проектите во кои може да дојде до конкретна меѓусебна соработка помеѓу двете земји, посочувајќи конкретни проекти од областа на информатиката и комуникациската технологија, туризмот, енергетиката, производството и останати економски области.
Економски тим на Владата предводен од премиерот Никола Груевски, како и заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида во понеделникот учествуваа и на бизнис форум во Мексико Сити каде ги презентираа економските потенцијали на нашата земја и поволностите кои Македонија ги нуди на странските инвеститори.
Бизнис форумот се одржа во соработка, со целосна логистичка поддршка и во коорганизација со компаниите Мекс Тел, Тел Сел и Американ Мобил, кои се дел од бизнис групацијата на Карлос Слим, и на бизнис форумот присуствуваа претставници на над 200 мексикански компании од областа на медицината, текстилната индустрија, енергетиката, информатиката, комуникациските технологии, хемиската индустрија, туризмот, градежништвото, сервисните услуги, производството и други економски гранки и области.
Премиерот Груевски во своето обраќање ги наброја поволностите кои им се овозможуваат на странските инвеститори, најниските трошоци за правење бизнис во Европа, слободниот пристап до 650 милионски пазар на потрошувачи кој е овозможен со договорите за слободна трговија со сите земји од континентот Европа и услужната ориентираност на македонската Влада кон странските инвеститори.
„Ние сме пријателски настроена Влада кон компаниите, Ве поканувам да дојдете во Македонија, повеќе мултинационални компании веќе работат во мојата земја. Џонсон Контролс по првата сега отвора и втора фабрика, истото го прави и Џонсон Мети, Ван Хул отвора производство, Дрекслер Мајер, Протек и други, дојдете и разговарајте со нив и ќе видите дека ова што го зборуваме е реалност“, истакна премиерот Груевски.
Тој посочи дека Македонија бележи континуиран напредок на листите на Светската Банка, на Форбс, на Прајсвотерхаус и на другите листи на кои се вреднува деловната клима, што е најдобар доказ и гаранција дека реформите кои се спроведуваат ги даваат своите резултати.
На средбата се обрати и Карлос Слим Јуниор, извршен директор на бизнис групацијата на Карлос Слим, кој позитивно ги оцени реформите кои ги спроведува македонската Влада за подобрување на бизнис опкружувањето и реализацијата на инвестициите. Карлос Слим Јуниор го истакна активниот пристап на неговата компанија во лобирањето кон мексиканските компании да ја разгледаат можноста за инвестиции во Македонија. Тој истакна дека неговата групација како и досега ќе продолжи со силна поддршка на промоција и реализација на интересите на нашата земја.
„Очекувам ваквите настани да ја засилат соработката помеѓу двете земји, двата народи и компаниите од двете земји“, истакна Карлос Слим Јуниор.
Џон Габриел Годар од Светската Банка, кој беше специјален гостин на бизнис форумот, даде позитивна оценка за реформите кои се спроведуваат во нашата земја и за доброто деловно опкружување.
„Македонија направи значителен исчекор на полето на регистрацијата на бизнис, на полето на оданочувањето и во други области, но и со најновите мерки за подобрување на ликвидноста и другите реформи кои ќе бидат вреднувани во најновиот извештај на Светската Банка“, истакна Годар.
На маргините на бизнис форумот, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида остварија средба со мексиканската агенција за промоција на извозот Про Мексико, при што беше договорено отпочнување на конкретна соработка.
Двете страни се договорија во идниот период да се воспостави продлабочена институционална соработка помеѓу двете национални агенции, во која што Про Мексико ќе овозможува комплетна логистичка поддршка на промоцијата на поволностите кои ги овозможува Македонија за отворање и развој на бизниси, при што таа кон мексиканските компании ќе врши активно лобирање за инвестиции во Македонија, но и ќе ги промовира нашите поволности и кон компании од трети земји.
Про Мексико ќе овозможува и давање на сервисни податоци, информации и бази на податоци кон македонската Агенција за интересот на светските инвеститори, за движењата на светско ниво на полето на инвестициите, но и на ниво на макроекономски индикатори врз кои се врши антиципација и лоцирање на можностите за привлекување на инвестиции.
Двете агенции договорија и потпишување на меморандум за соработка на полето на инвестициите./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.