Економија
ЕБРД ќе продолжи финансиски да го помага регионот
На годишното собрание на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), коешто ќе се одржи на крајот на идната недела во Турција, во фокусот ќе бидат економските предизвици на регионот и начините на заживување на економскиот раст, се наведува во соопштениот на Банката.
Годишното собрание на Европската банка за обнова и развој ќе се одржи кон крајот на следната седмица на 10-ти и 11-ти мај во турската метропола Истанбул, првпат надвор од традиционалниот регион во кој дејствува ЕБРД, а кој го сочинуваат поранешните комунистички европски држави.
Акцентот на годишното собрание ќе биде ставен на економските предизвици со кој се соочува регионот што ги опфаќа пределите од Европа до Северна Африка, како и на начините за повторно воспоставување на економскиот раст преку технолошките и финансиските иновации, зголемување на конкурентноста и поддршка на развојот на малите и средни претпријатија.
На собранието свое обраќање меѓу другите говорници ќе има и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, како и политичките лидери од четири арапски држави во кои ЕБРД има инвестиции, претставници на менаџментот на Банката, како и познати експерти од регионот и држави кои се акционери во ЕБРД.
Во текот на годишното собрание ЕБРД ќе ги објави најновите економски процени за регионот, вклучувајќи го и јужниот и источниот Медитеран.
ЕБРД, којашто минатата 2012 година инвестираше рекордни 8,9 милијарди евра, ќе ја зголеми помошта за малите и средни претпријатија во регионот и ќе обезбеди подобар пристап до финансиите.
„Во периодот на слаб економски раст за регионот од посебна важност е спроведувањето на структурни реформи. ЕБРД ќе настојува да го поддржи регионот во тоа”, вели во најавата на собранието претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабати.
ЕБРД е основана 1991 година со цел да и помогне на посткомунистичките држави во нивниот пат кон демократија и пазарна економија. Банката е активна во 34 држави, а минатата година инвестираше и во Египет, Мароко, Јордан и Тунис и од неодамна нејзина членка стана и Косово./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.