Економија
Се зголемува бројот на косовски туристи, но преку индивидуални аранжмани
Бројот на туристи од Косово во Македонија, за разлика од лани, годинава се зголемил за околу 50 отсто, но се уште доминираат индивидуалните аранжмани, што беше поттик за двете земји во понеделник да потпишат и Договор за туристичка соработка.
Министерот за економија Ваљон Сараќини и заменик претседателот и министер за индустрија и трговија на Република Косово, Мимоза Кусари Лила, на средбата го потпишаа Договорот за туристичка соработка меѓу двете земји.
„Во туристичката размена со Косово досега доминираат индивидуалните и деловните посети на граѓани и правни субјекти од двете земји, како и организирани аранжмани кон езерските места и зимските центри. Со посебно задоволство ќе истакнам дека годинава, во споредба со 2012 година, бројот на туристи кои ја имаат посетено Република Македонија во првите четири месеци бележи тенденција на зголемување. Според последните податоци, бројот на туристите од Косово за април 2013 година, во однос на април 2012 , е зголемен за 49 отсто, а бројот на ноќевања е зголемен за 53 отсто“, рече Сараќини.
Целта е да се создаде заеднички туристички пакет, кој регионалниот туристички пазар ќе го направи поконкурентен.
Заменик претседателот и министер за индустрија и трговија на Република Косово Мимоза Кусари Лила напомена дека покрај туризмот и неговата заедничка промоција на трети пазари, во идниот период ќе се работи и на зголемување на извозот од Косово во Македонија, но и размена на искуства во делот на подобрување на бизнис климата и привлекување на странски инвестиции.
„Од особена важност во наредниот период ќе биде патот Приштина – Скопје, чија изградба на косовска страна ќе започне во октомври, капиталниот проект „Брезовица“, чиј старт е прецизиран на есен, а Договорот за туристичка соработка претставува сигнал дека сме блиски дави кои треба да настапат со заедничка туристичка понуда, но и заедничка промоција, не само во туризмот, туку и во инвестициите“, истакна Кусари.
Договорот за соработка во областа на туризмот ќе претставува солидна основа за поволна рамка за инвестиции во областа на туризмот; размена на информации, статистички податоци; заемно учество на туристички изложби, саеми и останати манифестации, размена на искуства во делот професионална обука на персонал од туристичките индустрии во двете земји; поттикнување на туристичката соработка во рамки на Светската туристичка организација и останати меѓународни организации; и промоција на регионот кон трети партнери.
Промоцијата би се одвивала помеѓу владините институции, но и во приватниот сектор, заради продажба на заедничкиот туристички производ кон трети пазари. Оваа соработка во поново време добива на сé поголем интензитет, пред сé кон земјите од далечниот исток, но и земјите од Западна Европа, каде што се прават промоции или тури со подолг временски период.
Вредноста на трговската размена со Косово во првиот квартал во 2013 годината изнесува околу 96 милиони долари, со суфицит на македонска страна од околу 78 милиони долари, што претставува доволен мотив за уште поголемо унапредување на соработката./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.