Економија
Најквалитетните бизнис планови на студентите ќе бидат презентирани пред бизнисмените
Најдобрите студенти и млади претприемачи кои своите бизнис идеи ќе ги преточат во бизнис план ќе добија вредни парични награди и нивните планови ќе бидат изнесени пред бизнис заедницата.
Ова во средата во Скопје го истакна министерот за економија Ваљон Сараќини на прес конференција, чија цел е поттикнување на соработка помеѓу деловниот свет и образовниот систем, “. Министерот Сараќини потсети дека студентите ќе можат своите бизнис идеи да ги преточат во бизнис план, пријавувајќи се на јавниот повик објавен на 17 јуни, кој ќе трае до 15 август. „Право на учество имаат студенти и млади претприемачи на возраст од 18 до 30 години. Десетте најдобри бизнис планови ќе бидат презентирани пред Комисијата за евалуација и избор на најдобар бизнис план, а на најдобрите ќе им бидат доделени плакети, ваучери и парични награди и тоа за прва награда, Министерството ќе додели 330.000 денари, за втората награда 230.000 денари и за третата 140.000 денари“, рече Сараќани.Тој информираше дека најквалитетните бизнис планови ќе бидат презентирани пред бизнис заедницата, што значи уште една шанса за секој млад претприемач.На прес конференцијата учествуваа Софија Цали од фондацијата Претприемачки сервис за млади (ПСМ) и тројца студенти кои ги презентираа своите бизнис идеи, со кои аплицираа на проектот.„Фондација Претприемачки сервис за млади (ПСМ), со главна компонента бизнис инкубатор за поддршка на микро, мали и средни претпријатија од областа на информационо-комуникациските технологии, преку процесот на бизнис инкубација овозможува пристап до услуги наменети за забрзување на нивниот раст и развој”, потенцираше Софија Цали од ПСМ инкубаторот.Таа додаде дека фондацијата постои заради поттикнување на претприемништвото и зголемување на вработеноста кај младите, преку нивно оспособување да основаат сопствен бизнис. Фондацијата стои зад нив со поддршка преку многубројни активности и субвенции, со цел да помогне во локалниот развојот на моментално најпридонесувачкиот сектор на мали и средни претпријатија. Студентите ја поздравија иницијативата на Министерството за економија за наградување на најдобрите бизнис планови, бидејќи на тој начин на младите луѓе им се овозможува полесно да ги остварат своите бизнис идеи, изразувајќи надеж дека Владата и во иднина ќе продолжи да ги стимулира младите да го развиваат својот претприемнички дух. Притоа, од особено значење е што станува збор за грантови за најуспешните, коишто немаат обврска да ги враќаат и да се грижат за висината на каматите. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Родовата еднаквост не само квантитативно туку и квалитативно ќе го поттикне економскиот раст
Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените. Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот. „Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.
Гувернерката додаде дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.
На работилницата во организација на Катедрата по економија, на која и гувернерката одржа предавање, учествуваа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Билјана Ангелова и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Владанка Трајкоска. Работилницата ја отвори деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески, а воведни обраќања имаа и професорките Даниела Бојаџиева и Билјана Ташевска.
Економија
Комерцијална банка склучи договор за продажба на „Еуроникел“
Комерцијална банка информира дека склучи договор за продажба на имотот на комбинатот „Еуроникел индустри“ од Кавадарци со друштва основани од холандската холдинг-компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијта Yildirim Group. За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови, се наведува во соопштението.
Во исто време, банката со групацијата Yildirim склучи договор за продажба и на имотот на фабриката „Нова рефрактори“ во Пехчево.
„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот ‘Еуроникел’ имајќи ги предвид кредибилитетот и капацитетот на групацијата Yildirim. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сè, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина.
Групацијата Yildirim е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е 1963 година и моментно работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.
Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор, кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето“.
Банката, како што се дополнува во информацијата, останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на ‘Еуроникел’ веднаш да ги платат своите обврски“.
Економија
Од полноќ поскапуваат горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,33 % во однос на одлуката од 22.3.2024 година.
Од 26.3.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 85,00 (денари/литар)
моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 87,00 (денари/литар)
дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 77,00 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 44,776 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 1,00 денар/л, а малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕРОТ БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,979 денари/кг и сега ќе изнесува 44,776 денари/кг.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,028 %.