Економија
Сараќини:Примената на европски стандарди ќе ја подобри конкурентноста на нашите компании
Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска го посети Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ) , при што оствари работна средба со директорот Љупчо Давчев.
На средбата беше разговарано за придобивките од полноправно членство на ИСРМ во европските тела за стандардизација и економските бенефити за индустријата во Македонија од употреба на стандарди и сертификација.“Институтот за стандардизација во своето работење се залага да ги остварува целите и принципите на македонската национална стандардизација“, рече Сараќини. Тој истакна дека институтот претставува единствено место каде се подготвуваат и се усвојуваат македонските национални стандарди и единствено место во кое се креираат и реализираат програмите за донесување на стандарди, согласно потребите на сите заинтересирани субјекти во државата. Министерот Сараќини информираше дека, ИСРМ континуирано работи на усвојување на европски и меѓународни стандарди, така да во овој момент вкупниот број на усвоени стандарди е 24.641 односно 98 отсто од хармонизираните стандарди, при што како резултат на тоа, и како резултат на спроведените бројни реформи во областа на стандардизацијата, Институтот успеа да стане полноправна членка на Европската организација за стандардизација. Имено, Македонија заедно со Хрватска, се единствените земји во регионот кои се членки на Европската организација за стандардизација (CEN/CENELEC). Придобивките од членството се навистина големи, затоа што институт за стандардизација ќе има полноправен глас во Европскиот комитет за стандардизација, што значи дека при изработка на стандарди, нашата индустрија ќе има право да дава насоки и подобрувања на секој стандард, а не само право на усвојување на стандардите.„Стандардите имаат навистина огромно значење, поготово за компаниите кои извезуваат на европски пазар, затоа што со нив се зголемува квалитетот на производот, се зголемува сигурноста и здравјето на граѓаните, се избегнуваат пречките во трговијата, се зголемува конкурентноста на производите, и најважно се стимулира иновативноста“,посочи Сараќини, додавајќи дека во Германија, три отсто од БДП се добива со употреба на стандарди.„Соработката меѓу ИСРМ и Министерството за економија продолжува и на полето на проекти, така да во моментот спроведуваме два проекта и тоа можност за воведување на нова надлежност на структурата на ИСРМ, да стане препознатливо сертификационо тело за системот за квалитет- ИСО 9001, при што ќе се формира Одделение за сертификација, кое ќе учествува на пазарот за спроведување на постапка на сертификација во компании кои имаат интерес да го воведат основниот стандард ИСО 9001, наменет за организациона и менаџерска поставеност, и вториот е тоа што со последната измена на Законот за стандардизација во февруари 2013, новата надлежност на ИСРМ е „одобрување и мониторинг“ на апликациите за примена на националниот промотивен знак „Македонско сонценце“,информира директорот Давчев./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.