Економија
Пораснале трошоците за санација на словенечките банки
Словенечкиот економист Игор Мастен изјави дека трошоците за санацијата на словенечките банки со префрлувањето на нивните лоши кредити врз лоша банка ќе бидат за 1,5 до 2 милијарди евра повисоки отколку што би биле доколку оваа операција била започната во 2009 година кога тоа тој го предлагаше, а двојно поголеми доколку се земат предвид негативните ефекти во економијата.
„Тоа е мојата субјективна процена, а тоа изнесува пет проценти од словенечкиот бруто домашен производ (БДП)“, вели Игор Мастен во разговорот за љубљанскиот дневен весник Delo од саботата.
Овој економист и професор на Економскиот факултет во Љубљана, кој своевремено беше и член на советот на словенечката централна банка, додава дека вкупната штета настаната од 2009 поради проблемот на лошите кредити во словенечките банки е всушност 3,5 милијарди евра, доколку се уважат негативните последици од таквата состојба во банките врз работењето на претпријатијата.
Мастен, исто така, смета дека за предоцното реагирање на проблемите на словенечките банки најмногу се одговорни владата на поранешниот премиер Борут Пахор и тогашниот гувернер на централната банка Марко Крањец, бидејќи проблемот на лошите кредити долго бил занемаруван, а нивниот вкупен износ според многу оцени денес во словенечките банки надминуваат седум милијарди евра.
Постапките за санација на словенечките банки со префрлање на нивните проблематични побаруваа врз „лоша банка“, го контролира Европската комисија, за оваа операција да не биде третирана како недозволена државна помош на банките.
Мастен забележува дека се очигледни тешкотиите во комуникацијата меѓу Словенија и Европската комисија за прашањето колкава е вистинската пазарна вредност на лошите кредити и колку од нивната книговодствена вредност е потребно да се отпишат пред префрлувањето врз „лошата банка“, поради што тој просец доцни неколку месеци.
Вели дека стравува од 31-ви октомври, кога Европската комисија ќе ја објави новата оцена за тоа колку Словенија сторила за намалувањето на својот превисок буџетски дефицит, како и дали ги исполнува нејзините препораки од мај годинава, коишто делумно се однесуваат и на проблематиката за санација на словенечките банки.
„Во преостанатите два месеца малку може да се стори. Можам само да се надевам дека оцената којашто тогаш ќе ни ја даде Европската комисија нема да биде иста на оцената којашто во главата ја имаат за Словенија веќе напишана, а таа оцена е негативна“, заклучува Мастен./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.