Економија
Промовирана новата технолошко-индустриска развојна зона кај Штип
Новата технолошко-индустриска развојна зона кај Штип во петок официјално беше промовирана од премиерот Никола Груевски.
На настанот присуствуваа и потпретседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставревски, директорот на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони (ТИРЗ) Виктор Мизо, штипскиот градоначалник Илчо Захариев, бизнисмени и јавни работници и граѓани од Штип.
„Пред неколку години, кога го стававме камен-темелникот (27 март 2010 година н.з.) на оваа индустриска зона имаше доста скептици. Денес само можеме да порачаме дека зоната е веќе реалност како и првата фабрика во неа. Комплетно ја уредивме зоната која зафаќа површина од 206 хектари. Во неа е изграден пат во должина од 2,2 километри, донесена е вода доволна за потребите на сите фабрики кои ќе се градат тука, изградена е трафостаница која гарантира сигурно и безбедно напојување со електрична енергија, изградена е канализациска мрежа. Со гордост можеме да кажеме дека веќе сме ја изградиле и пуштиле во употреба најголемата технолошко-индустриска развојна зона во државата на која ќе има 37 парцели, а на кои ќе бидат изградени исто толкав број индустриски капацитети“, рече Груевски.
Тој додаде дека станува збор за индустриска зона која е од регионален карактер и која ќе има значење за подобрување на економијата на Штип, но и на соседните општини Свети Николе, Пробиштип, Кочани, Велес.
„Веќе во ноември на јавноста ќе можеме да и’ соопштиме добри вести за изградбата на со децении очекуваната магистрала од Скопје преку Миладиновци до Штип“, рече Груевски.
Според него, Владата ќе продолжи да инвестира во сите 14 индустриски зони.
„Кон средината на ноември ќе почне изградбата на зоните во Струмица, Радовиш и во Струга за кои проектите се веќе готови, за зоната во Тетово направен е договор за јавно приватно партнерство за нејзината изградба, на ист начин Владата работи на зоните во Берово и Пехчево, односно Делчево и Македонска Каменица, но и на сите други зони во државата“, потенцира Груевски.
Виктор Мизо, директор на дирекцијата на ТИРЗ, рече дека само минатата година фабриките лоцирани во индустриските зони во вкупниот извоз од нашава држава учествувале со 20 проценти, односно со 62 милиони евра, а за годинава бил предвиден извоз од 72 милиони евра. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.